Одлежа пет години, а сега Љубе Бошкоски е судски ослободен за случајот „Кампања“

До повтореното судење за случајот „Кампања“ дојде откако судот во Стразбур одлучи дека му биле прекршени правата на фер и правично судење


Фото: Б. Грданоски

 

Љубе Бошкоски може да биде задоволен дека сепак се изборил за правдата. И покрај тоа што помина пет години затвор за делото во случајот „Кампања“ за кое денеска е ослободен. Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија се жалеше до Европскиот суд за човекови права во Стразбур за случајот кој стана еден од препознатливите во објавените прислушувани материјали а е поврзан со наводно незаконско финансирање на изборна кампања во 2011. За случајот тој беше уапсен ден по изборите пред ресторанот „Воденица“ во скопската населба Капиштец.

Во јуни 2020 Стразбур пресуди во негова корист бидејќи сметаше дека му биле прекршени правата на фер судење и констатираше дека во текот на судскиот процес имало недостиг на правичност.

Пресудата изречена денеска на повторениот процес е – ослободителна и ја изрече судечки совет од Основниот кривичен суд Скопје на чело со судијката Елена Илиевска-Јосиповиќ.

Во пресрет на изрекувањето на денешната пресуда, обвинителството во завршните зборови направи измена на обвинителниот акт и поради застареност се откажа од гонење за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.

Бошкоски се гонеше дека за финасирање на изборната кампања во 2011 земал пари од странски државјанин кој во процесот беше и еден од клучните сведоци и се сослушуваше како загрозен сведок под псевдоним З1.

Меѓутоа, тој не сведочеше во повторениот судски процес. Судијката Илиевска-Јосиповиќ рече дека судот во два наврати се обидел да го повика да сведочи, но безуспешно.

„Овие обиди останаа безуспешни со оглед дека од надлежната единица судот е известен дека не може да се утврди, односно не располагаат со податоци за идентитетот на загрозениот сведок”, рече судијката.

Во повторениот судски процес судот не можел да утврди дека Бошкоски ги зел парите од странско лице.

„Од денес па натаму можеби сум единствен на балканските простори што помина 11 години неправедно во затвор. Времето никој не може да ми го врати, но ги охрабрувам сите судии да ги земат предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците“, рече Бошкоски по денешната ослободителна пресуда

„Ова го доживувам како победа на правдата. Моментално ќе се повлечам од политиката поради приватни причини. Се надевам дека можам уште да придонесам за мојата Македонија сега кога знам дека немам никаков багаж зад мене со мојата партија“, додаде тој.

Во првиот судски процес, Бошкоски од Кривичниот суд беше осуден на седум години затвор, казна која Апелацискиот суд потоа ја намали на пет години затвор.

Во врска со спектакуларното и понижувачко апсење на Љубе Бошкоски снимено и прикажувано и од национални телевизии, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори случај под кодно име „Тортура“. За тоа беа гонети Сашо Мијалков, командантот на полициската единица „Алфа“ и петмина нејзини членови. Судскиот процес за „Тортура“ во јуни 2021 година заврши пред првостепениот суд со ослободителна пресуда бидејќи судот сметаше дека обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека обвинетите се виновни за делото.