Одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите пред Нова година
Сточарите лани во декември зедоа само 600 денари по грло овца, а државата остана да им должи уште по 1.400 денари по грло
БИТОЛА – Одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите по грло, а ќе бидат исплатени и овчарите вработени на фармите, изјави Даниела Иротова, директор на Платежната агенција, за „Независен“. Одгледувачите на овци лани во декември зедоа само 600 денари по грло овца, а државата остана да им должи уште по 1.400 денари по грло. Како одминуваше годината растеа тензии кај одгледувачите на овци за исплата на заостанетите субвенции со образложение дека парите им се неопходни за обезбедување на храна за овците.
„Основната мерка за одгледувачите на овци е сработена од Агенцијата и сите налози за исплата за 1.212 корисници на оваа мерка денес се доставени до Трезорот за исплата со вкупна вредност од 327 милиони денари за одгледувачите на овци.
Дополнително денес во Трезорот се доставени и исплатите за платата за овчарите за 2024 година, каде од вкупно 48 апликанти комплетирани се 26 со вкупна висина на поддршка 16 милиони денари, а останатите по докомплетирање ќе бидат доставени до Трезорот за исплата“, потврди Иротова за „Независен“.
Инаку на прашањето дали премијата за млекото за првите шест месеци од 2025 година ќе се доисплати пред Нова година или во 2026? Иротова одговори дека „Барањата од оваа мерка во моментот се обработуваат и кога ќе бидат во целост проверени и изработени ќе бидат доставени до Трезорот“.
Пред почетокот на летото премија за млеко добија само дел од сточарите и тоа некои за првите три месеци од годината, а дел само за јануари и февруари.
Според Иротова, дополнително се доставени до Трезорот и налози за исплата за мерката за платите за земјоделските задруги регистрирани за вршење земјоделска дејност во висина од 834 илјади денари.
Од Платежната агенција стигна вест и за градинарите и за овоштарите. Пратени за исплата до Трезорот се и заостанати субвенции од 2021 до 2023 година.
„Од страна на Агенцијата се изработени и доставени налози за исплата на заостанати обврски од 2021, 2022 година и дел од заостанати обврски од 2023 година, предмети кои бараа време за обработка за ажурирање и проверка, а тие стоеле необработени веќе подолг период за сите мерки.
Од страна на Агенцијата се утврдени приоритети и се дадени конкретни задолженија да се изработат предмети најнапред за земјоделците кои чекат и по неколку години за да им се исплатат субвенциите. Барањата за сите мерки за кои се поминати роковите за плаќање се земени со приоритет и со донесување на програмата за 2026 година ќе бидат доставени во Трезорот за исплата“, рече директорката Даниела Иротова за „Независен“.