Одбележани 55 години од пуштањето во функција на ХЕЦ „Шпилје“
На денешен ден пред точно 55 години хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар ги произведе првите киловатчасови електрична енергија. Станува збор за еден од најзначајните производни капацитети во рамките на АД ЕСМ кој заедно со ХЕЦ „Глобочица“ е дел од хидроенергетскиот систем Црн Дрим.
Генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев, како што соопштија денеска од АД ЕСМ, по овој повод нагласил дека јубилејот е доказ дека оваа хидроелектрана целосно ги оправда очекувањата и претставува важен сегмент од електроенергетскиот сектор.
– Четврти ноември е важен јубилеј, значаен ден за хидросистемот „Црн Дрим“, за АД ЕСМ, но пред сè, значаен за целиот енергетски систем на Македонија, затоа што одбележуваме 55 години од пуштањето во функција на хидроелектраната „Шпилје“. Можам да констатирам дека овој стратешки капацитет целосно ги оправда очекувањата и претставува нераскинлива алка од електроенергетскиот ланец во земјава, потенцирал Узунчев.
Пред колективот на ХЕЦ Шпилје, се обрати и директорот на ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски кој потсети на почетокот на изградбата на хидроелектраната и позначајните инвестициски активности низ годините.
– Од пуштањето во функција, во 1969 година кога протекоа првите киловатчасови, оваа електрана претставува значаен извор на електрична енергија. Производството на електрична енергија на ХЕЦ „Шпилје“ значеше една третина од вкупното производство на електрична енергија во седумдесетите години од минатиот век. Од пуштањето во употреба, па сè до денес, оваа хидроелектрана има произведено 14.799,19 GWh електрична енергија. Средното годишно производство е 275 гигаватчасови, а максималното годишно производство е забележано во 2010 година, кога кон електроенергетскиот систем беа испорачани 519 гигаватчасови. Во модерните услови на стопанисување со енергетскиот сектор, во услови на либерализиран пазар и конкурентни односи, местото што го заземаат хидроелектраните е едно од најзначајните и ние мораме да им посветиме достојно внимание, рекол Божиновски.