Одбележани 24 години од загинувањето на десетмината армиски припадници кај месноста Карпалак

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и Директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска положија венец со свежо цвеќе на спомен – обележјето на македонските бранителите кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година.
-Десетмината прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски ги положија своите животи за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на татковината, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Во спомен на бранителите на спомен – обележјето, свежо цвеќе положиле и делегации од Владата предводена од заменик претседателот на владата за политички систем Љупчо Димовски, од кабинетот на Претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Од МО, венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.