Од Владата демантираат дека службеници како новинари патувале во Софија


Фото: Б. Грданоски

Службата за општи и заеднички работи на Владата најостро ги демантира и отфрла како дезинформација објавите на  дел од медиумите за наводното прикривање на вработени лица во Службата како новинари при посетата во Софија,  заради одржувањето на заедничката седница на Владите на Македонија и  Бугарија.

„Шесте вработени лица во СОЗР при посетата во Бугарија присуствуваа заради извршување на работни задачи – организација и поддршка на активностите на нашата делегација, во која беа и медиумски претставници.

СОЗР , согласно заклучокот од 4-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 20 јануари 2022 година, беше задолжена да ги преземе сите потребни активности и координација во врска со сместувањето и превозот на новинарите кои ќе присуствуваат и известуваат од заедничката седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија, која беше одржана на 25 јануари 2022 година. Со вакво задолжение Службата е задолжена врз основа на Одлуката за нејзиното основање, каде се регулирани и уредени нејзините надлежности.

Оттука, дезинформација е дека шесте вработени лица во Службата при посетата во Бугарија биле прикажани како новинари. Истите присуствуваа заради извршување на работни задачи согласно наведениот заклучок на Владата и за истите не е направен дополнителен трошок.
Службата бара во целост да го објавите овој демант и да ја повлечете изнесената дезинформација“, стои во денмантот од Владата.