Од утрово висока излезност во Битола, двојно повеќе од првиот круг


БИТОЛА – Битолчани од утрово излегуваат помасовно на гласање, за разлика од првиот круг на локалните избори. Според ОИК ако во првиот круг до 9 часот излезноста била над 4,5 проценти, денеска е над 7 проценти. Во во овој круг на гласање не се евидентирани проблеми со системот за гласање.

-Во 7 часот ги отворивме сите 170 гласачи места во Општина Битола. Нема проблеми освен две замени на УБИГ апаратите. Избирачките одбори стекнаа искуство со овие апарати и сметаме дека нема да има потешкотии при ракувањето со апаратите. До 9 часот излезеноста е над 7 проценти. Имаме зголемување  во процентот на излезеност речиси двојно, рече Игор Талески претседател на ОИК Битола.   

Битолчани денеска бираат помеѓу кандидатите за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ Тони Коњановски и Христо Кондовски кандидат на СДСМ. Во првиот круг разликата во гласови беше околу 1.600 во корист на опозицискиот кандидат.

Битолчани сметаа дека новиот градоначалник ќе има многу работи да ги дозаврши започнатите реконструкции на улиците, да ја финишира обновата на Офицерскиот дом во Битола, и градот да го раздвижи во делот на економијата.

-Уште многу треба да се направи за овој град, да се прават улици, канализации, да се овозможат услови за подобар живот, вели гласачот Лазар Трајчевски.

-Ова се избори организирани само за бизнисмените, борба за добивање на тендери, нивно лично богатење, за обичните луѓе нема да има промени. Во градот има ама што фајде? Се работи месец до два пред избори, а пред тоа ништо, вели битолчанецот Робер Јовановски.  

Битолчани очекуваат дека новата локална власт да работи на поефикасно функционирање на јавните претпријатија. Да се подобри хигиената во градот.  

-Најпрво очекувам од новата локална власт да се подобри хигиената во градот. Битола заслужува повеќе внимание на тоа, макар што има извесни постигнувања. Интимно, бидејќи се наоѓаме пред Офицерскиот дом, очекувам новата локална власт да го огради објектот и со тоа да го заштити. Во Битола постојат многу напуштени куќи, објекти со нив најпрво да се утврди чии се и ако нема наследници да се срушат и да се подигнат нови. Мора нешто да се преземи да се заштитат тие објекти со историско или друго значење, вели хроничарот на Битола професорот  Александар Стерјовски.

Вчера во Битола гласаа 156 болни и немоќни лица, бројка што е повисока за разлика од првиот круг на локалните избори. Гласале 17 лица позитивни на Ковид, и тројца гласачи од куќен притвор. Во Затворот „Црн Мост“ се пријавиле за гласање 42  затвореници и 45 лица во старскиот дом „Сју Рајдер“.

Претседателот на ОИК, Талевски  вели дека во затворот и во старскиот дом има намалување на бројот на гласачи за разлика од првиот круг на изборите.  (А.Б.)