Од утре започнува аплицирањето за субвенции за велосипеди и електрични тротинети 


Фото: Б. Грданоски
 
 
Град Скопје утре на градската веб страница ќе објави два Јавни повици за Cубвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2022 година, како и за субвенционирање на граѓаните на подрачјето  на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2022 година, на кои граѓаните ќе можат да аплицираат.
 
Целта на јавните повици е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на граѓаните на градот Скопје за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот.
 
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50 отсто од вредноста на еден велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
 
За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30 отсто од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
 
Подетални информации за правото на учество на јавните повици, условите коишто треба да ги исполни барателот, начинот на пријавување, начинот на спроведување на повиците, како и начинот на остварување на правото на надоместок граѓаните ќе можат да добијат на веб страната на Град Скопје www.skopje.gov.mk
 
Покрај информациите, граѓаните од утре ќе можат на интернет страницата на Градот Скопје www.skopje.gov.mk  да го симнат образецот за Барање за субвенција за купување, како и образецот Изјава, која треба да се завери на нотар.  Јавните повици  ќе бидат објавени издвоено на веб страницата на Град Скопје, а соодветната документација ќе можат да ја поднесат до архивата на Град Скопје.                                                                                                              
 
Јавниот повик ќе трае заклучно со 01.11.2022 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.
 
За овие јавни повици предвидени се 12 милиони денари за субвенции за велосипеди и 3 милиони денари за електрични тротинети.