Од утре штрајк на матичните лекари – ќе се примаат само итни случаи


Фото: Б. Грданоски

Mатичните лекари од утре до среда ќе бидат на тридневен протест. Тие ќе бидат на работните места, ќе ги примаат итните случаи, ама нема да издаваат упати и рецепти. Годинава, ова е четврти протест на лекарите од примарното здравство. Едно од клучните барања на матичните лекари е зголемување на капитацијата поради растот на трошоците за живот.

Ова беше одговор на лекарите откако министерот за здравство Беким Сали јавно кажа дека не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари, бидејќи, според него, не може преку пациенти да се бојкотира работата и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. Според Сали, незадоволствата треба да се решаваат на маса со конкретни предлози, кои ќе бидат разгледани и дискутирани.

– Ние, во изминатиов период од шест месеци, веќе дискутираме. Не можеме да направиме промена во системот во период од еден или два месеца. Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но, за жал, немаат слух, а пациентите се тие што трпат – изјави Сали.

Министерот Сали потсети дека имаат проблем што младите лекари најчесто не сакат да бидат дел од примарното ниво, а голем број од лекарите наскоро ќе заминат во пензија.