Од утре почнува вакцинацијата против сезонски грип
Од утре, понеделник, стартува вакцинацијата против сезонски грип, соопшти Министерството за здравство, од каде информираа дека обезбедиле 70 илјади бесплатни вакцини.
Досега на интернет-порталот vakcinacija.mk за вакцинација против сезонски грип се пријавиле околу 33.000 граѓани, што, според здравствените власти, покажува зголемена свест за значењето на вакцината во заштитата на јавното здравје.
Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации низ државата. Во Скопје заинтересираните граѓани ќе можат да се вакцинираат во пет установи: Центарот за јавно здравје, поликлиниките Букурешт, Бит Пазар и Идадија, додека здравствените работници ќе може да се вакцинираат и во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Со бесплатната вакцинација се опфатени различни групи на население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Покрај бесплатните, во Центрите за јавно здравје и оваа година се набавени комерцијални вакцини против грип за заинтересираните граѓани кои не влегуваат во ризичните групи.