Од утре амандманска расправа за Предлог – буџетот, СДСМ бара негово враќање во Владата на доработка
И четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој е исцпрен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите околу Предлог-буџетот за 2025 година. Според едните, буџетот е развоен, домаќински и базира на дисциплина, мерење резултати, анализи, проверки и стратешко планирање, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.
Со претрес по амандмани на Предлог-буџетот за 2025 година, утре продолжува расправата на собраниската комисија за финансирање и буџет. На Предлог-буџетот за 2025 година има поднесено повеќе од 300 амандмани.
Љупчо Николовски од СДСМ во попладневниот дел од расправата ги повика колегите пратеници да зборуваат конструктивно, со аргументи, во насока на, како што рече, подобрување на предложениот буџет. Дебатата, оцени, е сведена на деградирања, омаловажувања, обвинувања и на тоа кој како ги изгубил изборите, наместо на изнесување факти и суштина.
Според Бисера Златеска, Предлог-буџетот за 2025-та е внимателно изработен, со силен фокус на подобрување на економската состојба во државата.
-Пропаднато здравство, нефункционални институции, лудо растечки цени на производи, безредие, непотизам, лаги, корупција, бркање на младите што подалеку од тука. Ова е мракот што не снајде, мрак од кој ќе излеземе благодарение на искрена и чесна работа, рече Златеска.
Предлог-буџетот за 2025 година е поектиран на приходи во вредност од 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од годинашиот Буџет. Предвидено е расходите да изнесуваат 6,5 милијарди евра.