Од туризам Црна Гора во јули ќе заработи 10 милиони евра, а лани беа 280 милиони
Приходите од туристичката економија на Црна Гора во јули годинава ќе изнесуваат само околу 10 милиони евра, за разлика од истиот месец минатата година кога тие изнесуваа 280 милиони, што е пад од околу 96 проценти.
Ова е тековната проценка објавена во подгорички „Вијести“, за што треба да следи официјална потврда.
Според информациите од „Вијести“ од туристичката економија, не само што е намален бројот на туристи за околу 92 проценти, туку и бројот на ноќевања по турист е намален од 6,5 дена на четири, а просечната дневна потрошувачка е намалена од 77 на помалку од 50 евра.
Минатата година во јули беа реализирани околу 3,7 милиони ноќевања во сите типови сместувања, додека оваа година ќе има само околу 200 илјади.
Вкупниот број туристи во јули се очекува да достигне до 50.000, со просечен број на ноќевања од четири дена и просечна дневна потрошувачка до 50 евра.