Од топло, уште потопло: Во петок и сабота температури до 43 степени
Од Африка наредните денови се очекува нов екстремно топол бран, кој метеоролозите го нареко „Камила“ да ја погоди јужна Европа и температурите да стигнат до 45 степени

Продолжува периодот на многу топло време со високи дневни температури. Особено топло се очекува да биде во петок и сабота кога синоптичарите најавуваат дневни температури и до 43 степени.
Промена на времето ќе има од недела кога се најавува локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Температурата ќе биде во опаѓање.
Времето денеска ќе биде претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 35 до 42 степена. Слично време се очекува и во Скопје.
Поради топлото време Владата излезе со препораки до граѓаните, а од Министерството за здравство апелираат до граѓаните да се придржуваат до препораките за самозаштита, а тоа се престојување во разладени простории, особено од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалоци, носење лесна и светла облека, користење заштита за глава и очи и избегнување физичка активност во најтоплите часови.
Нема вакви пеколни жештини само во Македонија. Така е и во соседството. Белград во 14 часот беше 34 степени, а во Софија 36. Во Италија, Грција и Турција е уште потопло.
Пет смртни случаи се пријавени во Италија, каде што се очекува температурите да достигнат 45 степени Целзиусови на југот од земјата, додека екстремните горештини продолжуваат да погодуваат делови од јужна Европа.
До 10 часот наутро во средата, температурите веќе надминаа 30 степени Целзиусови на Сицилија.
Турција и Грција исто така се соочуваат со високи температури, при што во Истанбул се измерени 36 степени Целзиусови, а на грчкиот остров Лезбос 38 степени Целзиусови во исто време.
Во Атина, Акрополот и другите популарни антички места ќе бидат затворени од пладне. На работниците за достава, градежните работници и земјоделските работници им е кажано да престанат да работат.
Грчкиот закон бара вакви мерки за работа на отворено кога температурите ќе се искачат над 40 степени Целзиусови, што се очекува во среда и во наредните денови.
Лекарите предупредија дека постарите лица, а особено малите деца, не треба да поминуваат време на отворено, дека луѓето треба да пијат многу вода и да избегнуваат алкохол.
Италијанските власти соопштија дека во последните неколку дена имало најмалку пет смртни случаи само во јужниот регион Пуља, што би можело да се поврзе со високите температури.
Највисокото ниво на предупредување за горештини е во сила во Палермо, главниот град на Сицилија. Предупредувања за топлина се во сила и во повеќе од десетина други градови.
Се очекува подрачје со висок притисок од Африка, кое метеоролозите го нарекоа „Камила“, да донесе температури до 45 степени Целзиусови во јужна Италија.
Турција, исто така, страда од топлината. Во вторникот, температури над 40 степени Целзиусови беа регистрирани во шест од 81 провинција во земјата, а се очекува температурите дополнително да се зголемат во среда.
Топлината ја влошува сушата што овозможува шумските пожари да се шират побрзо.