Од среда аплицирање за детски и образовен додаток


Фото: Б.Грдановски

Министерството за труд и социјална политика ја проширува достапноста на детскиот и образованиот додаток за 20 пати повеќе деца. Со ова значително придонесуваме за намалување на детската сиромаштија во државата, соопштија денеска од ова министерство.
Освен домаќинствата што примаат социјална помош, информираат, право на овие додатоци ќе имаат и други категории на домаќинства.
– За таа, цел се повикуваат тричлените семејства со приходи до 11.400 денари, четиричлените семејства со приходи до 13.800 денари и петчлените семејства со приходи до 15.000 денари од среда да се пријавуваат во локалните центри за социјални работи, за да може да ги добијат надоместоците со исплатата во текот на идниот месец,стои во соопштението.
За остварување на овие права барања во центрите треба да поднесат и досегашните корисници на социјална помош.
Во соопштението се појаснува дека за поправедна распределба на додатоците со реформата се трансформира и родителскиот додаток за трето дете.
– Се воведуваат еднократни додатоци за прво и второ дете, а месечниот надоместок за трето дете се условува со материјален цензус на домаќинството. Примената на материјалниот цензус за додатокот за трето дете почнува по десет месеци од стапувањето на законот на сила. Сите што ќе се пријават во овие десет месеци за додатокот, правото ќе го оставарат без цензусот. Исто така, надоместокот за трето дете не се укинува за оние кои веќе се стекнале со него и тие ќе продолжат да го добиваат до навршување на 10 години на детето. За остварување на овие права, исто така, е потребно семејствата да се пријават во Центрите за социјални работи, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.
За повеќе информации во врска со поднесувањето на барањата и остварувањето на новите права предвидени со Законите за социјална и детска заштита и социјална сигурност на стари лица, од МТСП упатуваат до меснонадлежните центри.