Од пилула до титула: Какви апчиња зема Ѓоковиќ во финалето против Алкараз


Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го совлада Карлос Алкараз по пресвртот во финалето на Синсинати со резултат 2:1, по сетови 5:7, 7:6 (7), 7:6 (4). Ова без сомнение беше финале на годината, секако заедно со она што овие двајца тенисери го играа во Лондон, на Вимблдон. Покрај нереалната ментална сила која повторно ја покажа Новак Ѓоковиќ, сите погледи ги привлече еден детал кога побара специјални таблети од својот тим. Откако ги зеде, следеше опоравување, а со тоа и подобра игра и титула!

Во еден момент се чинеше дека Ѓоковиќ ќе се откаже и дека проверил со лекарскиот тим, но во преносот можеше да се види како одмавнува со главата, што очигледно потврди дека не сака да се откаже. Потоа на следната пауза докторот му даде апчиња кои ги голтна, а се чини дека имаат врска со болките низ кои поминува српскиот тенисер. Сепак, како што ги земаше, успеа да направи брејк во вториот сет и да го израмни резултатот, со што натпреварот повторно беше многу неизвесен.

Во првиот сет, при водство од 5:4, Новак му се развика на својот тим, барајќи суплементи. Новак е на возраст кога енергијата се губи многу побрзо отколку пред седум-осум години кога беше во најдобра можна форма, а на паузите меѓу натпреварите се почесто користи креатин. Токму тоа му недостигаше покрај клупата на една од паузите, што го изнервира, па им викаше на тренерите што побрзо да му го донесат овој додаток, пишува Блиц.

Што е креатин?

Креатинот е супстанца која природно ја произведува нашето тело како извор на енергија за мускулите и се синтетизира во црниот дроб, но и во панкреасот и бубрезите. Креатинот се формира во телото од амино киселините Аргинин, Метионин и Глицин и произведува хемиска енергија – АТП (аденозин трифосфат).

Телото на просечен човек произведува до 2 грама креатин дневно. Значи, она што е најважно за нас, креатинот промовира обновување на АТП кој се користи при работа на мускулите, што би значело дека со негово дополнување постигнувате продолжена работа, т.е. поголема сила и подобра издржливост.

Креатинот се внесува и преку храната и најмногу го има во црвеното месо и рибата. Околу 98 отсто од внесениот креатин се депонира во мускулите, додека останатиот дел се депонира во мозокот, срцето и другите органи, а вишокот креатин се излачува преку бубрезите во форма на креатинин, пишува Блиц.