Од Ковид-19 почина познатата докторка Поли од Ресен


БИТОЛА – Поликсена Стојановска–Ѓоргиевска (61), специјалист по радиодијагностика е последната жртва на Ковид-19 во Преспа.

Докторката Стојановска–Ѓоргиевска или како што ресенчани ја викаа доктор Поли, почина во болница во Скопје поради компликации од вирусот, откако претходно била хоспитализирана и во битолскиот ковид центар. Веста за смртта на докторката ја објави Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари на својата Фејсбук страна.
Колегите од Здравствениот дом со емотивна порака се простија од својата колешка.

„Тешко е да се простиш од некој и да кажеш збогум кога е тој нераскинливо врзан за твоето постоење и функционирање. Но е лесно кога треба да кажеш што сѐ тој човек значи за нас“, стои на Фејсбук страната на Здравстевниот дом во Ресен.

Радиологот Стојановска–Ѓоргиевска целиот свој работен век е дел од Здравствениот дом во Ресен, целото свое знаење и квалитет ги вгради во оваа институција, а како што велат нејзините колеги „цела своја човечност и топлина им ја даде на пациентите во Преспа“.

„Насмеана, тивка, одмерена, но со силен став и професионалност. Беспрекорна во својата работа, бескомпромисно да одговори на лекарски позив, па дури и во овие времиња- невремиња беше во првата линија, не враќајќи ниту еден пациент, не отстапувајќи – ниту еден ден“, велат колегите.

Во Ресен од почетокот на кризата починаа 12 лица, во градот во моменотов активно болни се 198 лица. (А.Б.)