Од каде се идеите за влада на широка коалиција?

Некои од Србија денес сериозно му порачуваат на Мицкоски дека ако смета дека францускиот предлог за Македонија е лош, тогаш нека го погледне францускиот предлог за Србија, со најавените последици од неговото неприфаќање


Во изминатите 30 години од незвисноста, може да се каже дека Македонија помина низ четири премрежија.

 Првото беше периодот на, може слободно да се каже, УПЛАШЕНА ДРЖАВА. Тој започна по изборот на првиот собраниски состав во 90-те и кога заради распоредот на силите во тогашното Собрание не се знаеше каква влада може да се состави и во која насока таа ќе ја однесе Македонија. А требаше да се одлучува за тоа како и колку бргу ќе станеме независна и меѓунродно призната држава. Тогаш, само благодарение на возраста и искуството на претседателот Киро Глигоров и политичкиот авторитет што тој го имаше стекнато на позицијата во југословенскиот врв, се создаде првата влада на широка коалиција позната како „експертска влада“ на чело со академик Никола Кљусев. Со таа влада се спроведе референдумот за незвисност, се прогласи независноста, се усвои Уставот на Република Македонија, се прогласи монетарната независност. Се чини дека исчекорот беше можен само со една таква влада.

Сѐ до победата на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година во Македонија, особено по бојкотот на изборите во 1994 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на Демократската партија на Петар Гошев, параламентарното мнозинство и владата функционираа реално без опозиција.

 

Со воениот конфликт во 2001 година, кога дојдовме на работ од поделба на земјата по етнички линии, се соочивме со премрежието наречено ПОДЕЛЕНА ДРЖАВА.

Иако Љупчо Георгиевски како премиер и Арбен Џафери како негов коалициски партнер во владата долго време ја убедуваа јавноста дека со амнестијата на градоначалниците од Тетово и Гостивар и со добрата соработка меѓу нив, на многу подобар начин се решаваат меѓуетничките проблеми во Македонија, се покажа дека не сме спсособни сами да се справиме при избивањето на таков сериозен воен конфликт во земјава.

СДСМ со Бранко Црвененковски на чело, можеше во тоа време да му ги гледа маките на Георгиевски и да се сити, и не мораше  да преземе одговорност за потпишување на Охридскиот рамковен договор, но во земјата допатува лично тогашниот висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана, заедно со претставниците на мисијата за превентивна дипломатија и побраа од Гергиевски и од Црвенковски да направат влада на широка коалиција на чело со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ставија до знаење дека сите парламентрани партии мора да ја споделат одговорноста за договорот кој беше на маса и да бидат гаранција за тоа дека и да се менува власта тој ќе се почитува и спроведува. Така Илинка Митрева, Владо Бучковски и Илија Филиповски станаа дел од владата на Георгиевски а лидерите на четирите најголеми политички партии во Охрид ги потпишаа Рамковниот договор и подоцна гласаа за промена на Уставот во согласност со тој договор.

 

Набргу по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година на чело со Никола Груевски, земјата се соочи со ново премрежие кое стана познато како ЗАРОБЕНА ДРЖАВА. По објавувањето на нелегално прислушуваните разговори од страна на тајната полиција, големите протести и  вооружената пресметка меѓу полицијата и група терористи од Косово во кумановското Диво насеље, САД и ЕУ го испратија меѓународниот експерт Питер Ванхојте да изнајде решение меѓу остро спротивставените страни на власта и опозицијата.

Решението беше најдено во формирањето на тнр. Пржинска влада или пак еден вид влада на широка коалиција, која покрај формирањето на Специјалното јавно обвинителство и создавањето услови за негова работа имаше за задача да обезбеди рамноправни услови на сите партии за учество на предвремените парламентрани избори. На некој начин, и таа влада создадена под притисок на САД и на ЕУ беше моделот кој помогна да се излезе од длабоката политичка криза во која беше западнала земјата.

 

Денес Македонија е исправена пред нов предизвик, и со премрежие кое може да се означи како БЛОКИРАНА ДРЖАВА. Клучната одлука од која зависи отворањето на поглавјата во преговорите за членство во ЕУ е поврзана со промената на Уставот за која сегашното парламентрано мнозинство не е доволно, а параламентраното малцинство нема сила да предизвика предвремени парламентрани избори пред 2024 година.

Двете страни најавуваат некоја своја „пролетна офанзива“. СДСМ и парламентарното мнозинство најавуваат зголемување на мнозинството со други партии и формирање на „Фронт за Европа“ со цел да се стигне до потребното мнозинство за промена на Уставот. Од друга страна, опозицијата составена од ВМРО-ДПМНЕ и двајцата пратеници на Левица, кои се противат на промената на Уставот, е убедена дека тоа нема да се случи и сметаат дека решението е во одржувањето на предвремени парламентрани избори. Но опозицијата не бара избори за тие да бидат „носители на промената на Уставот“, туку бара избори за тие со сигурност да не се случат, со што реално дејствуваат како група во Собранието која е сериозна пречка за интегрирањето на Македонија во ЕУ, или барем за сериозен почеток на преговорите со отворањето на поглавјата за пристапување.

Се поставува прашањето можат ли САД и ЕУ, како многупати до сега да помогнат во изнаоѓањето модел за надминување на оваа блокада, или овојпат тоа го сметаат за дел од практикувањето и увежбување демократија.

Познато е дека Уставот на Македонија по Преспанскиот договор се промени со обезбедувањето парламентарно мнозинство од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои потоа од раководството на таа партија  беа прогласени за национални предавници. Тоа беше постигнато и со помош на инструментите за амнестија на некои од тие пратеници за настаните од 27 април во Собранието, и беше објаснето во стилот дека „целта (ако е возвишена, национална, стратешка) ги оправдува средствата“. И прашање е дали тој модел на придобивање или „превоспитување“ на пратеници од опозицијата за изгласување на уставните промени би бил одново можен или полезен. Ако се случи тоа, лидерот на опозицијата најавува оставка и напуштање на политиката, од што не се потресува многу парламентраното мнозинство. Но се чини дека парламентраното мнозинство сепак сака да ја сподели одговорноста и заслугата за промена на Уставот со ВМРО-ДПМНЕ и, ако е можно, да се постигне договор меѓу власта и опозицијата (независно кој во која улога ќе се најде по следните избори) за носење и на други закони во Собранието со двотретинско мнозинство кои ќе произлезат од обврските за членство во ЕУ. Од друга страна, бидејќи ВМРО ДПМНЕ за оваа опструкција на патот кон ЕУ нема подршка ниту од една партија на етничките Албанци во Македонија, прашање е дали по следните избори, кога и да бидат, ќе состави и влада, или  подобрената застапеност во Собранието ќе ја користат за натамошна блокада.

Сѐ на сѐ, покрај Фронтот за Европа на Македонија ѐ потребен и договор за исчекор. А секогаш кога за тоа не биле способни политичките актери во земјава се вклучувале во тие разговори САД и ЕУ со предлог за некаква влада која ќе направи исчекор, со договор за избори по тој исчекор. Не е јасно колку време треба да помине за тие да се вклучат во решавањето на овој проблем. Но, факт е дека блокадата на овој процес станува и безбедносен проблем не само за Македонија, туку и за регионот.

Во време на руската агресија врз Украина, зад која стои непризнавањето на украинската нација и јазик, Македонија има интерес со внесувањето на бугарската етничка заедница во Уставот да го затвори спорот со Бугарија и да ги отфли обвинувањата за некаква дискриминација и говор на омраза кон Бугарите во Македонија. Оттука, тоа не е прашање кое може да се одложува и да се остава простор за нови провокации и влошувања на односите со Бугарија.

САД и ЕУ, со сето разбирање на проблемот, веројатно го сфаќаат експлозивниот потенцијал на оваа блокада.

На примерот на конфликтот меѓу Белгард и Приштина тие покажуваат дека се сериозни во намерата за пацифизирање на Балканот и дека не се толку немоќни кога сакаат да се најде решение. Политиките на инаетење на ВМРО-ДПМНЕ, без некои особени причини, и изнудување избори заради избори не можат да ја уживаат подршката на демократскиот свет.

Дали Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го сфаќаат тоа е сосема друго прашање. Некои од Србија денес сериозно му порачуваат на Мицкоски дека ако смета дека францускиот предлог за Македонија е лош, тогаш нека го погледне францускиот предлог за Србија, со најавените последици од неговото неприфаќање. И каков предлог може да очекува Мицкоски од ЕУ ако утре стане премиер на земјава.

Никој нема да ја сфати неговата желба за сериозна борба против криминалот и корупцијата, за демократизација на земјата и вистинска заштита на македонскиот национален идентитет без реално откочување на процесот на преговори за членство во ЕУ. Во спротивно треба да биде сочен со последиците. Влогот во оваа игра е многу поголем од зачувувањето на неговата лидерска функција во партијата. Но и влогот на Фронтот за Европа е голем ако не се успее на време со промените. Затоа е потребен договор за исчекор.

Во вакви времиња САД и ЕУ секогаш до сега посредуваа беспрекорно.  Не гледам зошто не би се обиделе и овој пат.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)