Од холандските компании ниту шестка за бизнис климата во земјава


На скала од 1 до 10, холандските компании ја оцениле бизнис климата во државата со 5,7, што е за 6 отсто подобар резултат споредено со резултатите од последната анкета спроведена во 2022 година. Како клучни фактори кои би влијаеле во проширување на бизнисот во земјата биле наведени ниските оперативни трошоци, владината поддршка, растечката побарувачка за нивните производи како и леснотијата на водењето бизнис, покажуваат резултатите од анкетата спроведена меѓу холандските компании во 2024 година кои ги презентирала холандската амбасадорка Узлем Џанел.

На настан на кој присуствуваа претставници од владините институции, економските комори, холандскиот бизнис сектор и бизнис асоцијациите беше кажано дека резултатите покажуваат оти од друга страна, недостатокот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука како и корупцијата и непредвидливото бизнис опкружување биле идентификувани како главни пречки во водењето бизнис. Седумдесет и пет отсто од испитаниците сметаат дека достапноста на дигитални јавни услуги е многу важна за нивното ефикасно работење и намалување на трошоците. 

-Скоро сите холандски компании кои работат во земјава се активни на полето на корпоративно општествената одговорност, со главен фокус на заштита на животната средина, безбедност при работата и политики за добросостојба на вработените, информираат од Холандската амбасада.

Резултатите од анкетата биле претставени на настан со кој бил одбележан Денот на холандскиот претприемач.

Во обраќањето, амбасадорката Џанел ја нагласила важноста на претприемачите како суштинска движечка сила за иновации, напредок и општествени промени.

Денеска, рекла таа, се слави претприемачкиот дух кој, како што нагласила, е многу повеќе од отворање еден бизнис. Претприемништвото, според неа, подразбира и издржливост, визија и храброст кои водат кон нови можности и раст.