Од Деруло до диџеј Хугел: Охрид и Битола пулсираа со звуците на светската поп и електронска музика

Викендов, Охрид и Битола беа центар на светската поп и елекронска музика, со ѕвезди како Џејсон Деруло и диџеите Армин ван Бурен и Хугел, но и една регионална ѕвезда- Сергеј Ќетковиќ. За љубителите на поинаквиот звук, тука беа концертите на регионалниот феномен Лепа Брена и Саша Ковачевиќ.
Во саботата, на празникот Илинден, американската аренби ѕвезда Џејсон Деруло приреди светско шоу сношти во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“,во организација на „Прагма продукција“. Со екипа професионални танчари и богати сценски ефекти, Деруло ги испеа своите најголеми хитови со милионски прегледи на музичките платформи и на социјалните мрежи.

Танцувајќи со македонското знаме, францускиот диџеј и продуцент Хугел сношти (4 август) настапи со својот голем хит „Те обожавам“ (I Adore You) во Охрид на стадионот „Билјанини извори“. Она што беше најубаво на настапот на Хугел е неговата близина и поврзаност со публиката, која среќна танцуваше околу него и се сликаше со него.
„Многу се радувам што се вратив во Македонија“, рече диџејот, кој гостуваше во Охрид и пред неколку години.
Она што го прави светски популарен, освен музиката, се и неговите шарм и насмевка. Публиката во Охрид ја препозна неговата среќа додека е на сцената и насмеани фанови си заминуваа од стадионот пеејќи ги неговите хитови, на кои танцуваат млади на Ибица, каде што Хугел е чест гостин.
Музичка еуфорија приреди кралот на електронската и транс музика Армин ван Бурен на синоќешниот настап на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, во организација на Авалон.По неговите минатонеделни гостувања на Ибица, тој допатува во Битола, каде што успеа да собере над 10.000 публика од Македонија и поширокиот регион. Тие имаа несекојдневна можност околу два часа да уживаат во неговите споеви на најпопуларните транс траки, а настанот со други гости траеше шест часа. Покрај музичкото уживање, тоа беше и визуелен спектакл со незаборавна атмосфера.
Забавен, духовит и непосреден со публиката, црногорскиот поп-пејач, омилен во регионот, Сергеј Ќетковиќ одржа уште еден одличен концерт во Македонија, во Античкиот театар во Охрид сношти (3 август), по двата во Скопје во Филхармонијата во јуни, во организациија на „Евентум“. Го следеа бенд и Битолскиот камерен оркестар, со кој диригираше Владимир Димовски.
Уште со првите акорди сè беше јасно, зашто хитовите на Сергеј звучеа како никогаш досега, а на изведбата што гали Битолскиот камерен оркестар ѝ даде дополнителна димензија на секоја нота.
Врв на вечерта беше кога Сергеј слезе во публиката, а и ги отпеа „Лихнида“ и „Тајно моја“. Ќетковиќ не само што покажа почит, туку ја спои црногорската со македонската душа – низ музика, низ љубов.
„Вакво нешто ретко се доживува, пресреќен сум што по двата скопски концерти луѓето од Евентум продукција ме донесоа во Охрид. Ова е навистина уникатно доживување и би сакал да се повтори“, рече Сергеј по концертот.
Хит по хит, како евергрини со неограниченост и безвременска дефиниција, Лепа Брена и Саша Ковачевиќ, спој на искуството и годините, во Охрид, викендов, пееја со публиката повеќе од пет часа, создавајќи концертни спомени кои се задржуваат во трајни вредности, во организација на „Прагма продукција“.

