Од денеска и секоја сабота метрото, трамваите и 20 автобуски линии во Атина ќе сообраќаат 24 часа

„Секоја сабота 24-часовна работа. Метро. Трамваи. Автобуси“ е пораката на централната станица Синтагма во Атина што ги пречекува сите оние кои го користат метрото и ги потсетува дека од денеска и секоја сабота јавниот превоз ќе сообраќа во текот на целото деноноќие, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција, целта на иницијативата е безбедно движење на патниците, се однесува пред сè на младите и на намалување на сообраќајните несреќи во вечерните часови, а во исто време, „ги поддржува туризмот, забавата и економската активност, подобрувајќи ја сликата на Атина како европска метропола“.
Почнувајќи од оваа сабота и секоја сабота, метрото, трамваите и 20 автобуски линии во Атина ќе сообраќаат 24 часа, а не само со полноќ како што беше случај досега.
Алтернативниот министер за транспорт и инфраструктура на Грција, надлежен за јавниот превоз Константинос Киранакис за државната телевизија ЕРТ утрово објасни дека целта е да се намалат сообраќајните несреќи во сабота навечер бидејќи, а младите безбедно да се вратат дома.
– Сабота вечер е токму моментот кога се случуваат најголемиот број од сообраќајните несреќи, најголемиот број од сообраќајни несреќи со жртви. Поради алкохол, поради голема брзина, поради низа фактори што се причина за многу лоштата статистика што нашата земја ја има во Европа, објасни Киранакис.
Центаралната метро станица Синтагма на истоимениот плоштад во Атина вчера ја посети грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис каде што разговараше со вработените во контролниот центар и му се заблагодари на целиот персонал на сите транспортни средства за нивната поддршка во продолжувањето на работното време во сабота, со цел безбеден превоз на патници во текот на ноќните часови.
На почетокот на јули, пилотски беше воведена 24-часовна работа на јавниот превоз со најава дека од септември ќе биде воведена регуларно секоја сабота.
Тогаш, алтернативниот министер за транспорт и инфраструктура на Грција се возеше со автобус и метро во текот на ноќта, коментираше дека „Атина не спиеше“ и посочи дека „за прв пат по 20 години, целиот систем на јавниот превоз остана отворен цела ноќ и десетици илјади млади луѓе го искористија“.
Процените од грчката Влада, тогаш беа дека за време на пробното работење вкупно 50.000 граѓани ги користеле транспортните средства.
Со исклучок на неколку ноќни автобуски линии, во Атина, по полноќ не сообраќаа јавниот превоз.