Од 2025 година, личната карта и возачката дозвола ќе ја имаме на мобилен


МакедонијаАндоновски ја најави првата мобилна апликација за лични документи и услуги

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска во новите простории на Министерството за дигитална трансформација пред медиумите и граѓаните го презентира сработеното во рамките на 100 дена од новата Влада.

Министерот Андоновски го најави проектот за изработка на првата владина мобилна апликација за административни услуги Super App ELI.

„Аплицираме на програма на Европската Унија, која ќе ни овозможи да развиеме мобилна апликација за административни услуги. Овој проект, наречен Supper App ELI, со вредност од 1.200.000 евра, е дел од иницијативата „Дигитална Европа“. ELI ќе биде револуција во пристапот до јавните услуги“, изјави Андоновски.

Андоновски најави дека секој граѓанин ќе има пристап до административните услуги директно преку својот мобилен телефон.

Во рамките на овој проект се работи на воведување дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи, познати како мобилен паричник (ID Wallet). Дигиталниот паричник ќе претставува револуција во начинот на кој граѓаните се идентификуваат и пристапуваат до услуги.

Андоновски најави и дека Министерството работи на целосен редизајн на порталот за услуги – uslugi.gov.mk.

„Свесни дека постојниот изглед на порталот за е-услуги не ги исполнува целосно потребите на граѓаните се зафативме со сериозни негови подобрувања. За кратко време ќе имаме обновен портал за услуги со изглед кој е поинтуитивен и полесен за користење, кој ќе понуди нови функционалности и пристапност за лицата со попреченост и нови услуги и ќе се осигураме дека тие одговараат на реалните потреби на граѓаните“, истакна Андоновски. „Веруваме дека со овие подобрувања ќе создадеме портал што навистина ќе ги задоволува потребите на нашите граѓани и ќе прерасне во едноставна и единствена точка за контакт меѓу граѓаните и институциите“, потенцира Андоновски.

Во своето излагање Андоновски најави и 100 нови електронски услуги во 2025 година, достапни на порталот за услуги.

„Секоја од овие услуги ќе биде базирана на анкетата што ја спроведовме со приватниот сектор, но и на анализите што произлегуваат од институциите. Овие нови услуги ќе опфаќаат широк спектар на области, од административни процедури во МВР, до услуги од ПИОМ, Министерство за правда итн.“.

Министерството најави дека со воведувањето на новите услуги се очекува значително да се зголеми бројот на активни корисници на порталот и да се подобри ефикасноста на државната администрација.

„На овој начин создаваме единствена точка за контакт меѓу граѓаните и институциите. Ова е иднината на дигиталната трансформација во нашата земја“, заклучи Андоновски.