„Очите солзат уште пред да се излупи“: Зошто кромидот е толку скап?

Цената изгледа нереална. Кромидот малку го има на пазарот и е зголемен извозот. Се продава од 80 до 100 денари. Ќе ја замрзне ли Владата и неговата цена?


 

Цената на кромидот урива рекорди – килограм од овој производ неопходен за секое традиционално јадење и за приготвување салати достигнува цена од 80, 90 па и 100 денари. Потрошувачите се збунети – никогаш порано кромидот не бил поскап од празот, кој чини околу 50 денари за еден врзоп, а се приближи до цената на лукот, кој сега може да се најде и за 140 денари за килограм. Цените се однесуваат на „стариот“ кромид, додека кај младиот, цените се вообичаени за овој период – од 15-20 денари за врзопче или „три за 50 денари“, како што се продаваат на зелените пазари.

Зошто е така и зошто, како што велат потрошувачите, од кромидот поради цената, очите се насолзуваат уште пред тој да се исече?

Според министерот за земјоделство, цената на „стариот“ кромид е превисока. Тој во гостување на МРТ изјави производствената цена на кромидот чини околу 20 денари по килограм.

„Ова е време за солидарност и единство, а не време за профитерство. Јас нема да дозволам некој да се богати на грбот на земјоделците и граѓаните. На пример, производствената цена на кромидот чини околу 20 денари по килограм за работна сила и дополнителни трошоци, што значи дека со сите трошоци на трговецот реалната продажна цена би изнесувала до 50 денари по килограм, додека сега гледаме цени и до 100 денари по килограм во продажба“, вели Николовски, објавувајќи ја изјавата и на Фејсбук.

Тој нагласува дека Министерството за земјоделство дава поддршка за замрзнувањето на цените на овошјето и зеленчукот бидејќи, како што посочува, „таквото замрзнување нема да влијае во намалувањето на откупните цени“.

Од друга страна, првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, вели дека цените за кромидот се високи поради тоа што овој производ го нема на пазарот, како и дека е зголемен извозот.

„Имаме добиено десетина барања од европски компании за откуп на кромид од земјава. Дефинитивно постои недостиг на овој производ на европскиот пазар. Претпоставувам дека тоа е причината за вака високата цена. Живееме во реален свет. Ако има поголема побарувачка од понуда, секогаш цените растат“, рече претседателот на ССК, одговарајќи на прашање на новинарите при неговата посета на Македонската берза.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши најавија дека утре Владата ќе донесе одлука за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, не прецизирајќи притоа дали во групата производи ќе се најде и кромидот.

Фото: Б. Грданоски

„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на оваа недела. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е разликата во делот на маржите“, нагласи Бектеши.

Инаку, Министерството за земјоделство вчера до министерството за економија достави анализа на цените за земјоделските производи на овошје и зеленчук.

Од таму прецизираа дека следат два параметри преку кои се креираат мерките, а тоа е системот за следење на производствената цена на фарма, односно колку се реалните трошоци за производство на земјоделците и пазарниот информативен систем каде се следат цените на големо и мало за земјоделските производи.

„Тие се формирани од производствените трошоци кои ги имаат земјоделците и од маржата на трговците со земјоделски производи. Оттука, согласно анализите, сакаме да напоменеме дека цената на пазарот е значително повисока од цената која што ја добива самиот производител и кај продажната цена голема улога има маржата поставена од откупувачите и трговците“, посочија од Министерството за земјоделство, напомнувајќи дека, сепак, врз основа на сите параметри крајната одлука по ова прашање ја има Министерството за економија.

Медиумите деновиве ја пренесоа веста од Штип каде што кромидот достигна 80 денари за килограм, при што според продавачите на пазарот, причината за зголемувањето на цената е заради тоа што го нема во доволни количества.

„Ваквата цена се очекува да биде и во април и почетокот на мај, кога се очекува да излезат и првичните количини на кромид од наше македонско производство“, велат пазарџиите.

Кромидот е скап на големите пазари, затоа е скап и на малите пазари, вели една производителка, која посочува дека ако пред пет до шест години произведувала зеленчук и овошје на 12 декари, сега нејзината градина е намалена на само два декари, а причината за тоа се скапите енергенти, но и цената на работната рака.

Фото: Б. Грданоски

Од друга страна, се зголемува и увозот на овој производ. Како што пренесоа дел од медиумите во текот на овој месец во соседна Албанија е регистриран пораст на извозот на кромид за македонскиот пазар. Најмногу кромид се извезува од околината на Корча, која е и најголем производител на оваа градинарски култура.

Според албанските медиуми тамошните земјоделци биле повеќе од задоволни не само поради обезбедениот пласман, туку и од откупната цена. Но, пласманот на кромид во Македонија, предизвикал и пораст на цените на овој производ и во Албанија која во моментов изнесува 1,3 евра за килограм.