Обвинителството се повлече, судот ја запре постапката против Лазар Нанев
Основниот суд Велес ја запре кривичната постапка против поранешниот судија и поранешен претседател на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев, откако Основното јавно обвинителство Велес го повлече обвинителниот предлог и се откажа од понатамошно гонење. Постапката се водеше за кривичното дело несовесно работење во службата.
Од Судот во Велес соопштија дека решението е донесено врз основа на член 62 став 2 од Законот за кривична постапка, по писмен поднесок од Обвинителството од 2 март 2026 година. Предметот во судот се водел под број К.бр.224/25, а обвинителниот предлог бил поднесен од ОЈО Велес на 23 јуни 2025 година.
Нанев беше разрешен од судиската функција на 16 октомври 2024 година, по дисциплински постапки поврзани со 97 телефонски контакти во краток период со обвинет во предмет што го судел. Во јавноста тогаш беа објавени и информации дека обвинителка од Кавадарци го пријавила за притисоци и недолично однесување.
Токму за предметот поради кој беше разрешен, Судскиот совет претходно поднесе кривична пријава, по која постапуваше Обвинителството во Велес. Со запирањето на постапката, случајот добива нов правен исход, различен од дисциплинската разврска што претходно доведе до негово разрешување од судството.