Се бара доживотен затвор за Палевски, Видевски, Кешишев и Манев за убиствата на Вања и Панче

За да се докаже нечија вина доволни се други факти, место, време, дејствија. Мотивот не е нужно да се утврди, рече обвинителката во завршните зборови


Фото: Б. Грданоски

 

Обвинителката Ана Стоилковиќ-Димитровска имаше завршни зборови за убиствата на Вања и Панче, и побара доживотен затвор за Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.

„Ниту една казна нема да биде доволно за семејствата на жртвите“, рече обвинителката Димитровска во завршните зборови.

Таа објасни зошто обвинителството бара ваква казна.

„Истите лица слушаат внимателно како Вања се бори за својот живот и објаснува каде може да ги бараат парите, но обвинетите со еден куршум ја остваруваат својата цел. Иако двете убиства се квалификувани од потежок облик, и казната се движи минимум од 10 години до доживотен затвор, и таа разлика од минималната до максималната казна е голема. Затоа Судот треба внимателно да ги земе предвид и начинот на спроведување на делата, и нивната непоколебливост во намерата. Тука не постојат олеснителни околности. Сите обвинети се дел од семејна заедница, сите се нашле во улога на воспитувачи, а тие посегнуваат по она што му е најсреќно на секој родител, на секое човечко битие.

Од овие причини Обвинителството бара сите четворица да бидат прогласени за виновни и да им се одреди казна доживотен затвор“, рече Димитровска.

Претходно Обвинителството искажа и натаму верување дека таткото на Вања, Александар е вмешан во планот на грабнувањето на својата ќерка.

„Како знаел дека возилото е запалено, кога тоа го знаела само полицијата? На снимките од фризерницата поминуваат десетици возила, и стари и нови, некои чадат, некои не. Но тој само ова возило го пријавил за сомнително. Дали има докази за комуникација на Александар и Палевски? Нема. Но Палевски бил технички подготвен, бришел докази, имал повеќе телефони. Од сите докази произлегува дека таткото помагал во грабнување. Никој не тврди дека Александар имал умисла да му биде убиено детето. Но неговата улога е трагична, со оглед на исходот и бараме судот да го прогласи за виновен“,  рече обвинителката Стојковиќ-Димитровска.

Во однос на првообвинетиот Палевски, обвинителката рече дека тој се бранел со негирање.

„Но исказите на останатите обвинети ја докажуваат неговата вина, како и останатите докази. Снимките од Велес, другите докази, ја утврдуваат неговата вина. Тврдеше дека снимките од пред куќата во мај е од друг период, мај 2023, но тие го немале возилото ‘рено кангу’ пред септември 2023. Палевски за себе се обидува

да создаде алиби. За 22 ноември се обиде алиби да му биде Ерол Османи, дека му го поправал котелот, но Османи тврди друго. За 27 ноември нема алиби, тврди дека бил во банка, но тоа е после 11 часот, а детето е убиено пред 9. Тврдеше дека нема податоци од базните станици за неговиот телефон, но тие постојат и не му одат во прилог. За време на злосторот носеле радиостаници. Сите обвинети имаат повици после 11 часот“, рече обвинителката.

Според неа, нерелевантни се и останатите тврдења од неговата одбрана. Тврдеше дека не бил во бегство, туку на лекар, но не даде докази за тоа.

Кога се осврна на обвинетиот Влатко Кешишев, обвинителката во завршните зборови рече дека тој се обидел да се прикаже само како послушник на првообвинетиот Љупчо Палевски и дека не бил соизвршител, но доказите го кажуваат спротивното.

За одбраната на обвинетиот Боре Видевски, обвинителката тврди дека се состои од негирање пред судот иако тој ги признал делата што му се ставаат на товар во исказот даден пред Јавното обвинителство.

„Јавноста се прашуваше зошто е убиена Вања. Но за да се докаже нечија вина доволни се други факти, место, време, дејствија. Мотивот не е нужно да се утврди. Тој е субјективен однос на злосторникот кон делото. Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден – потенцира обвинителката.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.