Обвинителот Љупчо Коцевски поднесе оставка пред да го разрешат

Коцевски се реши на овој чекор кога веќе стана јасно дека владиното мнозинство е цврсто решено да биде отстранет од функцијата


Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски утринава пред одржување на седницата на Собранието каде на дневен ред е барањето на Владата за негово разрешување поднесе неотповиклива оставка. Одлуката самиот тој ја соопшти на прес конференција во Обвинителството, а во писмена форма одлуката веќе ја испратил до надлежните институции.

Коцевски изгледа се решил на овој чекор кога веќе стана јасно дека владиното мнозинство е цврсто решено да биде отстранет од функцијата и покрај тоа што Советот за јавни обвинители во претходниот дел од постапката, порано оваа година даде негативно мислење за предлогот на владата. Нему му беше изгласана интерпелација во Собранието, но тој продолжи да ја извршува функцијата затоа што тоа немаше правен ефект.

На прес-конференцијата Коцевски рече дека заминува од функцијата со гордо крената глава и дека предлогот за негово разрешување е политички мотивиран.

„Од функцијата што ја вршев помалку од две години заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е што што дури денеска на само еден час пред закажаниот почеток ми беше доставена покана да присуствувам на седницата на Собранието на која ќе се расправа за мое разрешување. Предлогот за разрешување воопшто не ми е доставен така што не знам за што треба да се произнесам“, рече Коцевски.

Коцевски рече дека не му бил оставен разумен рок за да подготви соодветно обраќање.

„Државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така, не заради заштита на Љупчо Коцевски или кој било што ќе дојде на функцијата, туку заради заштита на самостојноста на ЈО и начелото на поделба на власта, принципи кои денес се длабоко нарушени“, нагласи Коцевски.

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска пред почетокот на седницата го информираше Собранието дека државниот обвинител Љупчо Коцевски до законодавниот дом поднел барање за престанок на функцијата. Согласно ова барање, како што кажа, расправата за негово разрешување би била беспредметна, па така таа точка на дневниот ред нема да се разгледува.

Владата ја запре постапката за смена на обвинителот по трагедијата во Кочани велејќи дека не е погоден момент за разрешување на Коцевски. Кога почна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ владата се врати на претходната постапка и на седницата на 9 декември ја донесе одлуката за покренување на постапка за негово разрешување. Владата наведе повеќе причини зошто бара негово разрешување.