Обвинителот Биковски кој го водеше „Пуч“ и против кого имаше постапка за 27 април унапреден во републичко обвинителство


Обвинителот Златко Биковски кој беше еден од тројцата обвинители за кои се водеше дисциплинска постапка за тоа што како обвинител не презел дејствија за 27 април 2017 година, кога се случи „крвавиот четврток“ е унапреден во републичкото обвинителство заедно со Валентина Стојановска.

Тој беше обвинител во случајот „Пуч“ во кој обвинет беше поранешниот премиер, Зоран Заев и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски за нелегалното прислушување, предмет во кој им се судеше ним и поранешните вработени во УБК, кои го открија скандалот за нелегалното прислушување. Потоа за скандалот им се судеше на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, но случајот уште се влече по судови.

Откако неговиот надреден, Јово Илиевски, беше избран за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, еден период Биковски беше вршител на должност во Обвинителството за гонење на организиран криминал.

По дисципинската постапка беше вратен во обвинителството во Берово, но сега стана обвинител во републичкото обвинителство.

Советот на јавните обвинители денеска за јавни обвинители во Јавното обвинителство на Македонија ги избрал овие двајца обвинители, а за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избрани јавните обвинители – Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.

Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски пак наместо да се врати во Основното јавно обвинителство Битола, тој откако му заврши мандатот како претседател и член на Советот е унапреден во Вишото јавно обвинителство Битола.

„Фокус“ пишуваше дека Јолевски сака да стане обвинител во Вишото обвинителство Битола, но без оценување, иако беше најгласен дека обвинителката Ленче Ристоска не може да напредува во Вишото обвинителство бидејќи била на трудничко отсуство, но и затоа што немале извештај за неа за последните четири години, иако застапуваше предмети од поранешното Специјално обвинителство кои потоа ги презеде редовното обвинителство и беше обвинител за врска во „Европравда“.

Тој кај Ристоска виде недостаток на работа по различни предмети, не напредувала во работата, но бараше тој да биде унапреден од основното во Вишото обвинителство Битола и за него ќе важат одредби од Законот за јавно обвинителство и Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители, според кои, тој автоматски ќе биде позитивно оценет, иако во годините додека бил член на Советот на јавни обвинители не работел на судски предмети.

Претседателката на Советот, Душица Димитровска за „Фокус“ ги цитираше членовите од Законот и Деловникот кои предвидуваат дека Јолевски ќе биде автоматски позитивно оценет.

За него ќе важи член 36 став два кој предвидува: „Доколку јавниот обвинител бил отсутен повеќе од 2/3 од времето за кое треба да биде оценет, нема да се оценува за тој период. Периодот на оценување започнува да тече од почеток по враќањето на работа на јавниот обвинител“.

На денешната седница за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје е избрана јавната обвинителка Наташа Крстева Цалева.

Советот исто така донел одлука за мирување на функцијата јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола на Ирина Трајкоска Стрезоски, поради избор за директор на Академијата за судии и јавни обвинители и се донела одлука за номинирање на членот на Советот – Зорица Павловиќ за заменик член на Етичкиот совет на јавни обвинители.