Обвинителите и судиите побараа повеќе пари од буџетот, Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ им порача дека толку заслужуваат
Јавното обвинителство и Судскиот совет денеска во Собранието на седница на Комисијата за финансирање и буџет предупредија дека во Предлог-буџетот за 2025 година остануваат со куси ракави, односно не се предвидени средства според законските одредби, на што од пратеникот Бојан Стојановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ добија совет дека толку заслужуваат.
„Шокиран сум од излагањата на Јавниот обвинител и од претседателката на Судскиот совет од две причини. Прво затоа што годинешниот буџет е кумулативно за десет проценти зголемен во двете институции и е највисок во историјата, а втора работа јас лично како пратеник никогаш нема да гласам за нивните барања бидејќи со два проценти доверба во тоа што го работат и не заслужуваат повеќе од ова што го имаат“, рече Стојановски на крајот од неговото излагање за Предлог-буџетот за 2025 година, посочувајќи дека станува збор за негов личен став.
Тој истоврмено, даdе предлог.
„Бидејќи буџетот функционира на принцип на приходи и расходи, ајде да ги зголемиме приходите, нека почнат да постапуваат по индициите за криминал, некој нека биде осуден, да му го конфискуваме имотот, да ги внесеме тие средства во државниот буџет и конечно да ги исполниме барањата на обвинителите и на судството“, рече Стојановски.
Претходно, Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, предупредија дека во Предлог–буџетот за 2025 година не се предвидени доволно средства за нормално функционирање на судската власт, како и дека институционалната независност и самостојност се во директна корелација со финансиската.
Јавниот обвинител Коцевски, во обраќањето до пратениците ги изнесе ставовите на ЈО во однос на Предлог-буџетот при што наброја повеќе обврски кои Македонија како држава ги презела во рамки на реформаската агенда со цел да го оствари Планот на Европската унија за раст на Западен Балкан
„Од нас се бараше во предлог буџетските проекции да ги изразиме потребите и финансиските импликации за овие реформи. Тоа и го направивме. Но, за сите овие реформи кои како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во Предлог-буџетот за следната година“, се пожали Коцевски.
Така, како што посочи, и годинава наместо законски одредениот износ на Буџетот за обвинителството во висина од 0,4 проценти од вкупниот државен буџет, се одредуваат околу 14 милиони, или нешто повеќе од 0,2 отсто, односно половина од законскиот минимум.
„Ваквата буџетска рамка не е доволна за покривање на основните потреби на Обвинителството, особено во услови на општ раст на трошоци по сите основи“, рече Коцевски додавајќи дека проблемот со недостигот на материјални и кадровски ресурси во Обвинителството станува алармантен.
Тој рече дека поради недостиг на финансии, но и одредени законски слабости одливот на кадар од Обвинителството е огромен. Така, меѓу јавните обвинители од предвидените 260 јавни обвинителски места пополнети се само 170, но и кај јавно обвинителската служба во која се систематизирани околу илјада работни места. пополнети се околу 360.
„Практично работиме со една третина од потребните капацитети“, рече Коцевски посочувајќи дека со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители Македонија е далеку под европскиот просек од 12,2 .
Тој нагласи дека биле известени дека во 2025 година на Обвинителството нема да му биде одобрено ниту едно вработување. Исто така, пороблем е и застарената опрема за што исто така не се предвидени буџетски средства, а вака како што е предложен буџетот повторно е најнизок во споредба со сите обвинителства во регионот.
„Без доволно средства не може да се зборува за реална поддршка на системот на ефикасна правда“, рече Коцевски.
Претседателката на Судско буџетскиот совет, Весна Дамева, судската независност не може да биде изолирана од финансиската независност и самостојност.
Таа посочии дека законски издвојувањето од Буџетот треба да биде 0,8 проценти од БДП, а не 0,3 проценти како што е предвидено. Таа исто така рече дека во последниот извештај на ЕК е нотирано дека се потребни доволно финансиски ресурси за подобрување на ефикасноста и обезбедување на финансиската автономија во правосудството.
„Доколку се усвои буџетот за 2025 година така како што е предложен, во кој за судската власт се предвидени средства кои не ги исполнуваат ниту потребите за нормално функционирање, истото ќе биде на штета на граѓаните бидејќи нема да бидат во можност судовите да испорачаат брза и ефикасна правда, а судтвото уште една година, цела 2025 година нема да биде во можност да ја извојува својата финансиска независност и самостојност која е тесно поврзана со независноста и самостојноста на судството. И за тоа нема да биде виновна судската власт“, рече Дамева.