Муцунски: Бараме компромис со Бугарија, но тој да биде рационален

Веќе нема да преговараме за национални и идентитетски прашања, а компромисот треба да ја обезбеди предвидливоста, рече Муцунски


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека е дојдено крајно време да престанеме да преговараме за национални и идентитетски прашања со кого било како држава.  Муцунски тоа го кажа за време на прес-конференцијата со црногорскиот колега Ервин Ибрахимовиќ, кој е во посета на земјава, одговарајќи на прашањата за евроинтегративниот процес на Македонија, пораките кои доаѓаат од Брисел и од одделни земји членки за спорот со Бугарија.

Тој не знае кога може да се сретне со бугарскиот колега Георг Георгиев, а тоа да не биде на маргините на некои меѓународни собири. Тој зборуваше за иницијатива што потекнала од наша страна во врска со Коридорот 8, на која, како што кажа, сè уште немало позитивен одговор од Софија.

„Веќе подолг период работиме, за жал без позитивен фидбек од страна на Бугарија за организирање на заедничка средба помеѓу мене, нашиот министер за транспорт, Александар Николоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска со нашите тројца колеги од бугарска страна, со цел разјаснување на состојбите и иднината на Коридорот 8, бидејќи тоа е за нас стратешки и значаен проект што сакаме да се движи напред. За жал, подолг период немаме позитивен одговор, но ќе продолжиме афирмативно да работиме на остварување на таа средба“, рече министерот.

Дијалог и комуникација, како што додаде, постојано има. Македонија нема да дозволи застој на иницијативноста и дијалогот, бидејќи „тогаш ние ќе бидеме соучесници во еден процес на закочување на европската интеграција, што е во спротивност со целта на државата – побрзо да ги откочиме преговорите со ЕУ“.

Образложувајќи зошто требало да се стави крај на билатерализацијата на процесот за пристапување во ЕУ, Муцунски рече:

„Имаме јасна позиција, којашто сум убеден дека соодветствува со ставот на секој македонски граѓанин, дека треба конечно да ставиме крај на овој процес на билатерализација или неправди, бидејќи што доколку утре се прифати тоа што се барало, што доколку утре се случат уставните измени и за шест месеци сме повторно во иста ситуација. И повторно ќе треба дијалог, повторно ќе треба разговори, но повторно ќе биде закочен процесот на преговори“, рече Муцунски.

Шефот на дипломатијата нагласи дека ги следи и пораките кои доѓаат од европските институции и од европски експерти во делот на реализацијата на Реформската агенда поврзана со Планот за раст. Муцунски кажа дека како Влада не сметаат оти Реформската агенда може да го замени процесот на преговори. Таа може да биде трансформативна за македонската држава и на делот ќе ја покаже нашата посветеност кон европската интерграција.

„Ако некој сака така да ја мери нашата посветеност кон европската интеграција, тогаш тој не разбира што е европска интеграција. Европската интеграција е владеење на право, европската интеграција е броба против корупција и тука како што кажа и самата еврокомесарка (Марта) Кос сме една од најдобрите, веројатно и најдобрата држава во делот на реализација на нашите обврски во Реформската агенда. И со тоа на дело покажуваме дека сме Влада која е посветена на европските интеграции, бидејќи ги вршиме оние трансформативни реформи во нашето општество“, рече шефот на дипломатијата.

Навраќајќи се на спорот со Бугарија, тој кажа оти не сака да создаде перцепција дека не бараме компромис, но компромисот што го бараме мора да биде рационален и ќе ја обезбеди предвидливоста на евроинтегративниот процес за кој владата говори подолг период.

Шефот на дипломатијата рече дека комуницира и со еврокомесарката за проширување, Марта Кос и со нејзиниот тим, но, како што посочи, дел информациите што тие ги споделуваат нема да ги открие, а во корист на процесот.

„Знаете дека некогаш кога држиме одредени информации доверливи овозможуваме поголем простор за успешност и напредок. Дозволете ми и тоа да не го споделам, бидејќи ако кажам било што или една или другата екстрема ќе стане главна тема во медиумите во Бугарија, но тоа што ќе го кажам е дека ние како Влада, како држава, јас како министер за надворешни работи ја разбирам приоритеноста од ова прашање“, рече Муцунски.