Обвинетите тврдат дека не се виновни за убиството на Тот


Анџело Ѓеорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски денеска пред судот се изјаснија дека не се виновни за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Сите тројца беа донесени од притвор во „Шутка“ каде се сместени по апсењето.

Хрватскиот ракометар почина од здобиените повреди по тепањето откако сите четворица биле во дискотеката „Привилеџ” во април годинава во Градски парк.

Според обвинението, обвинетите до умисла го убиле Тот.

Како што образложи обвинителката, по излегување од клубот обвинетите се упатиле кон такси и влегле во возилото. По нив одел и Тот кој сакал да им се придружи.

– Оштетениот од задната лева врата од возилото влегол во таксито и откако во возилото настанала кратка расправија, прво Андреј излегол од предната врата, дошол до оштетениот кој бил во возилото и започнал да го влече за левата рака со намера да го извади од возилото. Откако оштетениот излегол надвор започнала вербална расправија по која Андреј се оддалечил и застанал до предната десна врата на возилото, по што обвинетата Клементина излегла од задната лева врата на возилото и прво започнала да го турка оштетениот со двете раце по градите, раскажуваше обвинителката.

Во тој момент, според обвинителството, од таксито излегол и обвинетиот Анџело кој ја оттргнал Клементина од Тот и го удрил прво со десната рака со тупаница на левата страна на главата, а потоа му удрил уште една тупаница со левата рака во пределот на десната страна на главата.

– Оштетениот паднал на асфалтот и додека лежел, Андреј му се приближил и го удрил со нога во пределот на телото, а потоа и Клементина со нога го удрила по главата при што обвинетиот Анџело ја оттргнал од оштетениот, но истата повторно дошла и со десната нога во два наврати го удрила во пределот на главата. Обвинетиот Андреј со тупаница го удрил во пределот на главата, рече Трајчевска.

Анџело и Клементина според описот на обвинителката, влегле во таксито со намера да си одат, но девојката повторно излегла од возилото и го удрила со нога го пределот на градите.
Од ударите, рече обвинителката, Тот се здобил со тешки повреди, поради кои паднал во коматозна состојба. Кај него било констатирано нагмечување на мозокот, дошло до нарушување и прекин на активност на мозочните неврони кое веќе во 11:40 часот на 8 април резултираше со смрт на младиот ракометар.

Обвинетите пред судот рекоа дека го разбираат обвинението.

Првообвинетиот Анџело (28 г.) рече дека не се чуствува виновен и не признава вина за кривичното дело за кое се товари.

И Клементина(19г.), која има завршено средно медицинско и е мајка на едно дете негираше вина. Таа на почетокот на судењето го криеше лицето додека снимаа новнарите.

Андреј(19г.) исто така негираше вина.

Поради барање на адвокатот на Левковска да се одложи рочиштето, oдбраната на сите тројца обвинети не даде воведен збор, а Судот наредното судење го закажа за 14 септември.

Во судницата беа присутни и родителите на обвинетите како и други роднини, но немаше никој од семејството на хрватскиот ракометар. Присутен беше адвокат кој семејството Тот го овластило, а таткото на момчето, кој не успеал да стигне за денешното рочиште, треба да пристигне во Скопје за наредното закажано кога треба да се произнесе дали и колку отштета ќе бараат.