Обвинети 36 лица за злоупотреби при доделување инвалидски пензии и права на туѓа нега

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица, осомничени за сериозни злоупотреби во процесот на доделување на права за туѓа нега и инвалидска пензија.
Според обвинението, две организирани криминални групи во текот на 2023 и почетокот на 2024 година посредувале и незаконски овозможувале стекнување на овие права во замена за пари – од 150 до 5.000 евра, во зависност од типот и времетраењето на правото што се “обезбедувало”.
Во мрежата биле вклучени лекари, адвокат и службени лица од неколку јавни установи, кои со злоупотреба на својата службена положба и реално влијание издавале лажни медицински мислења и одлуки, со што грубо ги заобиколувале законските одредби. Притоа, десет лица се обвинети за злосторничко здружување, давање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, 5 лица се товарат за злосторничко здружување и примање поткуп, две лица – за злосторничко здружување и примање награда за противзаконито влијание, а 19 лица за давање поткуп и награда за противзаконито влијание.
Досега, 13 обвинети склучиле спогодби со Обвинителството, по што Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуди. Првообвинетата доби 3 години и 6 месеци затвор и ѝ беше одземена противправно стекната добивка од 15.000 евра. За другите 12 обвинети беа изречени условни казни затвор од 1 до 2 години, со рок на испит од 3 до 5 години. На неколкумина им беше одземена имотна корист – 36.520 денари надоместок за туѓа нега, 2.360 евра и 81.000 денари стекнати со извршување на делото.
Обвинителството предложи продолжување на веќе изречените мерки за обезбедување:Притвор за 5 лица, куќен притвор за 5 лица и мерки на претпазливост за останатите обвинети
„Станува збор за сериозна коруптивна шема која ја поткопува довербата во системот на социјална заштита и нанесува штета и на државниот буџет и на граѓаните кои навистина имаат потреба од овие права“, велат од Обвинителството.