ОБСЕ: Парламентарните избори во Молдавија беа конкурентни, но нарушени од сериозно странско мешање

Парламентарните избори во Молдавија беа конкурентни, но нарушени од сериозни случаи на странско мешање, изјави денеска шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ во земјата, Паула Кардосо,цитирана од британските медиуми.
Таа како една од координаторите на краткорочната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ во Молдавија, изјави дека одлуката на молдавските власти да исклучат две партии од учество на изборите на само неколку дена пред гласањето ја поткопа „правната сигурност на статусот на ривалите и го ограничи нивното право на ефикасна заштита“.
Победата на проевропската партија ПАС на парламентарните избори во Молдавија, и покрај притисокот од Русија, претставува „силен мандат за процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија (ЕУ)“, изјави денеска молдавската претседателка Маја Санду.
-Му покажавме на целиот свет дека сме храбри и достојни, дека не дозволивме да бидеме заплашени, рече таа за време на прес-конференција, осврнувајќи се на обвинувањата за руско мешање во изборите.
Лидерот на Партијата на вистината и акцијата (ПАС) Игор Гросу ја поздрави изборната победа.
-ПАС има парламентарно мнозинство, проевропско парламентарно мнозинство, само затоа што ни ја дадовте оваа доверба и оваа можност, му рече тој, додавајќи дека тоа е „исклучително тешка борба“.
ПАС, која е на власт од 2021 година во Молдавија, една од најсиромашните во Европа, соседка со Украина и Романија, освои 50,20 проценти од гласовите по пребројувањето на сите гласачки ливчиња, покажуваат резултатите на Изборната комисија објавени на нејзината веб-страница.
Според проекциите, ПАС би можела да задржи апсолутно мнозинство во парламентот со 55 од 101 места, во споредба со 63 во досегашното собрание.
ПАС е пред прорускиот Патриотски блок, кој има резултат од 24,17 проценти, а еден од нејзините лидери, поранешниот претседател Игор Додон (2016-2020), повика денеска во Кишињев да се одржат демонстрации.
На третото место, со 7,96 проценти од гласовите, е Националното алтернативно движење (МАС), предводено од градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, кој повика на гласање против ПАС.
Додон, кој синоќа прогласи победа, денеска изјави дека поднел десетици жалби до Изборната комисија.Во зависност од нејзината одлука, „ќе преземеме понатамошни законски мерки“, предупреди Додон за време на демонстрациите што ги свика пред парламентот напладне по локално време.
На протестот се собраа околу 200 лица кои скандираа „Слобода“ и „Молдавија“.
Вкупно, на изборите учествуваа 52,17 проценти од молдавските гласачи, чиј влог отиде подалеку од едноставните парламентарни избори: одлучување помеѓу продолжување на зближувањето со ЕУ или враќање под руска контрола.