ОБСЕ најде апсурди во судските процеси на СЈО


Фото: Б. Грданоски

Има многу парадокси во судењата оценува ОБСЕ – од купиштата материјални „докази“ до тоа обвинетите да прават сѐ за да се развлечат судењата место да имаат поефикасно судење

 

Кои се причините што толку долго траат процесите околу предметите на СЈО и што има само четири целосно завршени случаи, беше тема во најновиот извештај на Мисијата на ОБСЕ, во кој се наведени сите слабости, па и апсурди на судските процеси кај нас.

Давање предност на доказите пред сведоците, неселективно презентирање на документите и снимките, неинтервенирање од судиите кога беспотребно се изнесуваат купишта материјални „докази“, викање прекубројни сведоци од кои некои не придонесуваат ништо со своите искази, презентирањето на истите материјални докази и при повторување на судските процеси, па до најголемиот парадокс – обвинетите да прават сѐ за да се развлечат судењата место да имаат поефикасно судење, се генералните забелешки зашто сѐ уште нема епилог за покренатите обвиненија за тешките криминали и злоупотреби.

„Од набљудуваните судски процеси јасно е дека во голем број од предметите на СЈО не е правена селекција на материјалните докази или пак не е направена соодветно и затоа во текот на доказните постапки се изведуваа огромни количества докази, за кои не секогаш имаше потреба. На пример, во еден од предметите, во судницата се преслушуваа повеќе од 1.000 снимки од телефонски разговори, при што тешко е да се поверува дека, навистина, сите тие се значајни и релевантни за обвинението“, оценува ОБСЕ.

Во истиот предмет, според ОБСЕ, биле презентирани и 6.000 документи и биле повикани 190 сведоци од страна на обвинителот, така што иако од почетокот на процесот во мај 2018 година досега се одржале повеќе од 60 судски расправи, како резултат на огромното количество изведени докази не се очекува завршување ни на главната расправа во блиска иднина. Поправилно е, според ОБСЕ, обвинителот да ги достави до судот сите списи и материјали од истрагата, а во судницата да ги презентира само тие со кои се докажува некој конкретен елемент од обвинението.

Исто така, обвинетите повикувале сведоци за кои навистина немало потреба да сведочат за целите на судската постапка, а претседателот на судечкиот совет иако имал таква законска можност, не интервенирал. Во друг предмет, одбраната предложила листа со речиси 200 сведоци, при што според ОБСЕ тешко е да се избегне повторување на нешто што претходно веќе било кажано од друг сведок.

„Ќе беше многу покорисно доколку судот во овој случај се потрудеше да обезбеди сведочење само на оние сведоци чии искази се од клучно значење и важност за процесот“, е забелешката на ОБСЕ.

Помалку или повеќе ова била слабост на сите судења со повеќе обвинети. Така, во друг предмет во текот на доказната постапка се презентирале над 600 кратки текстуални пораки и биле преслушувани повеќе од 200 снимени разговори. Притоа, некои од материјалните докази се читале во целост, а од некои само релевантните делови, што е сепак енормно губење на време на штета на ефикасноста и економичноста на судските постапки што треба да ги обезбедат судиите.

Уште поголем проблем, според ОБСЕ, е што истата постапка се применувала и при повторување на процесите, при што најчесто сведоците не биле повикувани повторно на сведочење, но истото повеќечасовно слушање на снимки и читање на материјали и пораки се повторувало од почеток. Обвинителите, притоа, изведувајќи ги сите тие бројни снимки, според ОБСЕ, не давале објаснување кој дел од обвинението се докажува со нив и зошто воопшто е важно да се слушаат во судниците.

„Ако претседателот на судечкиот совет превземеше проактивна улога, ќе можеше да обезбеди изведување на една покуса листа со материјални докази и нивно читање во судница, без притоа да ја загрози позицијата на обвинителството“, констатира ОБСЕ.

Како најголем апсурд ОБСЕ го наведува фактот дека во еден од случаите како доказ бил понуден нацрт-закон и конечната верзија на текстот на истиот закон, иако како што се забележува – закон не може да се смета воопшто за доказ.

Според ОБСЕ, фактот што сите тековни судења во прв степен (четиринаесет предмети) се соочиле со значителни проблеми во однос на изведувањето на доказите пред судот исто така не е случаен.

„Се чини дека е создаден магичен круг: доказите не се споделуваат или пак тоа се прави доцна, а потоа надлежниот обвинител мора целосно да го изведува пред судот целокупниот материјал што е предложен како доказ, за одбраната да може да се произнесе по истиот. На овој начин се одолговлекува судењето и се создава сериозен ризик од евентуална повреда на правото на судење во разумен рок, без притоа да се гарантира правото на соодветна одбрана“, забележува ОБСЕ.

Набљудувачите од Мисијата исто така забележале дека странките во предметите на СЈО не се обидуваат да се договорат за постоењето на одредени неспорни факти, така што доказната постапка да може да се сконцентрира само врз спорните прашања.

„Ќе беше полезно доколку се организираа подготвителни рочишта, во текот на кои би можело да се разговара за евентуалните факти и околности што одбраната не ги спори, при што судот би можел да ја забележи таквата согласност помеѓу странките. Таквиот претходен договор помеѓу странките можеше да има значително влијание врз начинот на кој се одвиваа судењата и врз квантитетот на изведуваните докази пред судечките совети, што пак позитивно ќе влијаеше и на должината на судските процеси“, стои во извештајот. Со тоа индиректно се кажува всушност дека ни обвинетите не прават ништо да ги забрзаат судењата и да докажат евентуално дека се невини.

ОБСЕ сепак констатира дека СЈО ги доставило сите материјални докази до обвинетите освен снимките  што било повод одбраната постојано да инсистира сите аудио материјали да се слушаат во текот на расправите и да се одолговлекуваат расправите.

„Не беше понудено валидно објаснување за причините поради кои снимките не се споделуваа со одбраната. На одбраната беше понудена можноста, по сопствено наоѓање, да врши преслушување на овие материјали во судските згради. Но, во предметите каде бројот на снимени телефонски разговори е многу голем, ваквата пракса на преслушување на снимените разговори во судот не може да се смета за ‘адекватна можност’”, забележува ОБСЕ.

Како сосема  погрешна се оценува и практиката на странките да го препуштаат на судот изведувањето на овие докази – читање на писмените докази, репродуцирање на електронски докази, снимки, материјални докази. За ОБСЕ не е јасно исто така зошто судечките совети во голем број од предметите на СЈО се одлучиле доказната постапка да ја започнат со изведување на материјалните докази (вклучувајќи ги и телефонските разговори), наместо со сослушување на сведоците.

„Во текот на набљудувањето на судските процеси, забележавме дека некои од расправите се откажуваат поради отсуство на сведоците. Во такви околности, судот може да ја искористи веќе закажаната расправа за изведување на некои од материјалните докази предложени од странките. На тој начин се спасува расправата, судската постапка се одвива понатаму и најважно, во голема мерка се намалува ризикот од евентуалната потреба судењето да се почнува целосно од почеток, поради долгите паузи помеѓу одржаните расправи“, велат од ОБСЕ.  (С.Ј.)