Обновена е резервната линија за напојување на АЕЦ Запорожје
На украинската нуклеарна централа Запорожје, заземена од Русија, ѝ е обновен резервниот далновод и сега ја обезбедува надворешната енергија што и е потребна за ладење на реакторите, соопшшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
„По вчерашното обновување на далноводот… операторот на нуклеарната централа Запорожје утрово го исклучи последниот оперативен реактор, кој изминатава недела ја обезбедуваше електричната енергија што ѝ требаше на централата откако беше исклучена од мрежата“, се вели во соопштението на МААЕ објавено на Твитер. „Оваа електрична енергија сега може да се испорачува преку мрежата“, додава агенцијата.
Украинското воено разузнавање тврди дека Русите повторно планираат да ја гранатираат нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, која е под окупација на руските сили.
Како што пренесува Киев Индипендент, претставници на разузнавањето тврдат дека руските сили планираат нов напад врз нуклеарната централа Запорожје и блискиот град Енерходар.