Обнова или одмазда: На Заев ќе му судат, своите ќе ги ослободуваат


Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ има убаво спакувани ветувања кои, ако се знае какво беше однесувањето на оваа партија додека беше на власт, можат да се изродат во тежок притисок врз судството

 

Слободанка Јовановска

Иако СЈО денес отиде во историјата, а со него и надежта дека ќе има пресуди за високата корупција, тоа не им пречи на политичките партии да ветуваат во кампањата промени во судството и обвинителствата, кои ги посочуваат како главни кочничари правдата да завладее во Македонија.

СДСМ најавува дека, ако добие нов мандат, ќе го проверува потеклото на имотот на судиите и на обвинителите, а тие на кои ќе им застарат случаите ќе се соочат со разрешување. Според нив, тоа го овозможува новиот Закон за јавно обвинителство кој од денес стапи во сила во земјата.

ВМРО-ДПМНЕ на сите митинзи деновиве најавува дека, ако дојде на власт, против сите што се инволвирани во корупција или криминал ќе започнат постапки, што асоцира на тефтерчето на Гордана Јанкуловска, во кое стоеја имиња на судии што треба да водат одредени предмети и пресуди, како и на ставањето луѓе во притвор во брза постапка.

Дури и да не е така, дилемата е како ќе успее ВМРО-ДПМНЕ да го натера судството да суди побрзо без да се меша во неговата независност и без да врши притисоци и дали ќе дозволи да бидат осудени нејзините функционери кои со секакви опструкции ги развлекоа судењата со години.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за „Независен“ негира дека идејата е да се влијае на истрагите и на судските постапки за да се забрза одговорноста за корупција и криминал. Според него, целта е низ реформа на процесната постапка да се спречат развлекувањата на процесите.

„Тоа сакаме да го постигнеме со реформа на процесната постапка и со јавни рокови и процедури за работа на обвинителството и на судството. Тоа значи да се уредат постапките и да се забрза процесот на одлучување, без притоа да се мешаме во одлуките, бидејќи ова е независна власт. Ќе се сменат законите за парнична и за процесна постапка, кои имаат многу дупки во моментов и оставаат простор за огромни манипулации, чување предмети во фиока, развлекување на судења, но и политичка манипулација со предистраги и истраги без докази. Ќе има јасна постапка кој за колку време и како ќе отвора постапка, како ќе тече ако има докази и за колку време треба да се затвори ако нема докази“, објаснува Николоски.

Тој исто така додава дека едно од основните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ е дека ќе се донесе  закон за потеклото на капиталот на сите кои биле на јавна функција, вклучувајќи ги и судиите и обвинителите.

„Тој што ги стекнал чесно – да се знае, кој не може да докаже како – да се оданочи со 70 отсто, плус да понесе одговорност, како што е во многу земји на Запад. Ова е остварливо доколку се направи силна координација меѓу клучните институции кои треба да го спроведат законот. Секако, процесот не може да заврши за шест месеци, многу луѓе се. Но, може да се донесе законот и да почне да ги дава првите резултати во тие шест месеци“, вели Николоски.

За судијката Маргарита Цаца-Николовска, ваквите најави за забрзување на судењата преку утврдување рокови се нереални. Според неа, проблемот не е во законите туку во тоа како се спроведуваат. Таа вели дека и во сегашниот Закон за парнична постапка има пропишани рокови, а има промени и во делот на доказите така што сега, за да се забрзаат постапките еднаш доставени докази не мора да се доставуваат по вторпат. Таа смета дека постапките можат да се забрзаат само со зголемување на одговорноста на судиите, но и на странките, односно тие да се санкционираат ако има докази дека опструираат.

„Како со закон ќе му наредите на Антонијо Милошоски да доаѓа на суд? Сите гледаат дека е тука, а не доаѓа, не можат да му достават покана. Затоа, ако сакаат ВМРО-ДПМНЕ нешто да сменат нека кажат конкретно кој член, а не вака општо“, коментира Цаца-Николовска. Според неа, можат да сменат што сакаат, но ако не обезбедат дека ќе се почитуваат стандардите за фер постапка, тој закон ќе биде проблематичен.

„Ако остане ваквото однесување на актерите во судовите, од обвинителите, адвокатите, судиите, до странките, ништо нема да се смени. И сега постапката може да се спроведува во разумно време. Треба само да се докаже дека има опструкции и да се казни тој што ги прави. На пример, доаѓа лице со судска покана на врата, тој што го повикуваат на суд отвора и вели дека не живее тука тој што се бара. Треба да го санкционираш зошто не пријавил уредна адреса. Има инструменти, но прашање е колку ги применуваат судиите и колку ги злоупотребуваат адвокатите“, вели Цаца-Николовска.

Инаку, во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ има убаво спакувани ветувања кои, ако се знае какво беше однесувањето на оваа партија додека беше на власт, можат да се изродат во тежок притисок врз судството. Така, се најавуваат промени во изборот и разрешувањето на уставните судии (за такви амбиции унгарскиот премиер Виктор Орбан доби закани за исфрлање од ЕУ), измени во самото функционирање на Уставниот суд, како и специјално тело што на секои шест месеци ќе прави евалуација на нивната работа. Ќе се воведат нови критериуми и за избор и унапредување на другите судии, што отвора простор под етикетата подобро судство да се спроведуваат смени и разрешувања од актуелните функции.

Ветувањето е дека се нудат политики со кои судството и обвинителството ќе се ослободат од политичките, но и од другите форми на влијание и зависност, но наедно се најавува промена на штотуку донесениот Закон за јавно обвинителство, кој треба да обезбеди континуитет на случаите на СЈО и на судењата на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, и зад кој застана целата меѓународна заедница. По она што се слушна во „бомбите“ за причините за противењето на Христијан Мицкоски да се донесе овој закон и по сите обиди да се обезличи при донесувањето, па и да се спречи, ваквите најави може да значат и враќање во „златните времиња“ на неодговорноста. На крајот, за да биде појасно ВМРО-ДПМНЕ предлага и инструмент „потрага по вистината“, со кој ќе ослободува „неправедно осудени лица во политички монтирани процеси“, при што не е тешко а се погоди ќе биде прв на листата. Или кажано поинаку, на Зоран Заев ќе му судат, а своите ќе ги ослободуваат.