Скопје се разбуди под снег, автобуси ни за лек
Првиот снег донесе хаос во сообраќајот во главниот град
Скопје се разбуди под снежна покривка. Механизацијата уште не е излезена да чисти. Нема ниту сол фрлено. Како по традиција, градските власти ги изненади снегот. Граѓаните на Скопје кои утрово со часови чекаат на постојките, на социјалните мрежи коментираат дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски си остана на зборот- ако падне снег, нема да има автобуси!
Ретките автобуси се плашат да возат, зашто се лизгаат и се исклучуваат, реагираат граѓаните.

Првиот снег сезонава предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во Скопје, а голем дел од улиците утрово се непроодни или тешко проодни, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи.
Како најкритични точки се посочуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран. Алармантно е и од Ново Лисиче до Центар.
Проблеми се пријавуваат и во Општина Илинден, каде се создала огромна гужва, а излезот кон автопатот е речиси невозможен поради замрзнати коловози и застој на возилата. Слична состојба се бележи и во Драчево и Пинтија, каде има долги колони и исклучително лизгави сообраќајници. Слично е и во Бутел и во Чаир.
Во Скопје ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.