Објектот на Заводот за рехабилитација на деца и младинци станува градинка во Кисела Вода
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/gradinka-rehabilitacija-potstanica-kisela-voda.jpg)
Во населбата Потстаница се одвиваат интензивни градежни активности за целосна реконструкција на објектот кој ќе биде првата детска градинка во овој дел од Кисела Вода.
Станува збор за стар објект кој, со одлука на Владата на Република Македонија, беше правно преземен од ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и даден на трајно користење на Општина Кисела Вода. Реконструкцијата опфаќа темелни зафати – од кровната конструкција, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – со што ќе се создаде модерен и безбеден простор на 222 квадратни метри, за околу 80 дечиња.
-Големо е значењето на оваа градинка кој за првпат ќе се отвори во Потстаница и која родителите од овој дел на општината со нетрпение ја очекуваат, како можност нивните деца да растат и да се развиваат во современи услови. Овој објект, кој со поддршка од Владата правно го презедовме од ЈЗУ “Завод за рехабилитација на деца и младинци” – Скопје, во моментов добива сосема нов лик – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој вели дека на листата на чекање за упис во градинка има само триесетина деца.
Во моментот се работи на изградба на уште две градинки во Расадник и во „Верверичка“, во близина на Општината, а досега се работеше на изградба и проширување на вкупно девет градинки.
– Со завршувањето на градинките што се во изградба, целосно ќе ги затвориме овие листи. Ова е мојата стратегија како градоначалник – да обезбедиме во Кисела Вода да има место во градинка за секое дете! – додава тој.