Објектот „Гранд“ ќе има две станбени и една деловна зграда, без градинка


Инвеститорот „МГ Фешн“ на постојниот паркинг спроти хотелот „Холидеј ин“ планира да изгради три висококатници од по 16, 20 и 22 ката, од кои две мешани со станбен и деловен простор и една целосно деловна зграда. Училиште и градинка не се предвидени со проектот, но ако некој сака да отвори приватна градинка, ќе ја има таа можност во рамки на деловниот простор.

На денешната прес-конференција на компанијата „МГ Фешн“, која е инвеститор на висококатниците на парцелата спроти „Холидеј ин“, кој што ќе вика објект „Гранд“, беше истакнато дека во трите предвидени згради ќе има 400 станови, локали и канцеларии, односно таму би живееле вкупно 1.250 жители.

Станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје“ е предвидено да се гради на градежната парцела 1.1 од постојниот ДУП за локалитетот Голем Ринг јужен дел – исток.

Управителот на „МГ Фешн“ Илија Божиновски на денешното претставување на проектот рече дека комплексот ќе се гради во три фази, при што во првичната фаза најпрво ќе се гради кулата со приземје, 20 ката и поткровје со бруто развиена површина од 29.438 метри квадратни, додека во втората фаза ќе се гради висококатницата од 22 ката со бруто развиена површина од 27.870 метри квадратни.

Овие два објекти се сместени во просторот покрај кејот на реката Вардар, додека последната зграда од 16 ката ќе биде изградена на спротивната страна од парцелата, спроти „Соравија“ и постојната катна гаража.

Божиновски вели дека идниот комплекс ќе биде три пати помал од она што му го дозволува постојниот ДУП на оваа локација. Тие како инвеститори се подготвени да вложат во обнова на Кејот „13 Ноември“ што влегува во рамките на овој урбанистички план, но ѝ се нудат на Општина Центар да го изградат планираниот јавен простор на парцелата 1.4 од ДУП-от на површина од околу 7.300 метри квадратни, на којшто би се наоѓало парковско зеленило, фонтана, урбана смарт опрема и други содржини.

Изработениот проект за станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје“ денеска го претставија архитектите Мартин Пановски и Јана Гугуловска Ѓорѓевиќ од Радиус архитекти.

Архитектката Гугуловска Ѓорѓевиќ објасни дека паркирањето за овој комплекс е  решено со три подземни нивоа, со 969 паркинг места, кои се обезбедени во рамките на самата парцела. Во делот на станбените единици, планирано е комплексот да има околу 400 стана во кој би се сместиле 1.200 жители.

Архитектот Мартин Пановски појасни дека станбено-деловниот комплекс ќе има проектирана површина на зеленило на сите нивоа од 6.250 метри квадратни, со што се задоволуваат неопходните 20 отсто од парцелата да бидат наменети за зелена површина во согласност со актуелниот Закон за урбано зеленило. Исто така, овој објект би бил првиот во земјава во кој би се применила зелена вертикална градина, што претставува светски тренд.

„Ќе има 1.000 паркинг места, 6.520 метри квадратни ќе бидат зелена површина, а површината на градба ќе биде 13 654 м2. Во ДУП-от пишува дека влезот е од улица 2, а на кејот ќе има излез. Паркингот ќе биде во рамките на градежната парцела, а имаме можност да паркираме и во катната гаража спроти“, изјави архитектот Мартин Пановски.

Бидејќи паркингот е планиран да биде подземен, надземно, просторот ќе биде искористен за изведба на пешачка улица од идниот јавен простор на парцелата 1.4 во ДУП-от во правец кон постојниот мост кај хотелот „Холидеј Ин“, со што би се овозможило непречено движење на пешаците кон плоштадот „Македонија“ и ГТЦ.

И двајцата архитекти посочија дека во актуелниот ДУП за локалитетот Голем Ринг јужен дел – исток не е предвидено да се гради училиште и градинка, но по две јавни установи – школи и градинки имало во непосредна близина на овој станбено-деловен комплекс. Според актуелниот закон, во рамките на деловен простор било кој инвеститор може да отвори приватно училиште или градинка.

Инвеститорот, но и двајцата архитекти,  рекоа дека должност на Општина Центар е да го усогласува актуелниот ДУП со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Архитектот Пановски посочи и дека побарале од надлежните власти, но не добиле податок за тоа колку слободни места за ученици има во околните училишта.

Управителот на „МГ Фешн“ Илија Божиновски истакна дека имаат поддршка и комуникација со сопствениците на објекти од Ново Маало, посочувајќи дека се отворени за соработка со останатите сопственици на земјиштето од овој ДУП, како би се овозможило заокружување на проектот. Во однос на локацијата на која ќе градат, тој изјави дека тие немаат информации во однос на спорови за денационализација на земјиште на нивната парцела 1.1 од ДУП-от, на која планираат да го градат станбено-деловниот комплекс.

Инаку, неколку граѓански организации, универзитетски професори, архитекти и медиуми денеска упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 за паркингот спроти хотелот Холидеј Ин, на која што треба да се гради овој станбено-деловен комплекс.

Жителите на Ново Маало задоволни од проектот

По денешната јавна презенатација на планот од страна инвеститорот, се огласија жителите на Ново Маало, кои велат дека  целосно го поддржуваат презентираното.
 
„Драго ни е што инвеститорот најави целосно реализирање на сите обврски кон нас и очекуваме реализацијата на овој проект да почне во најбрз рок. 
Од она што го видовме денес, може да се заклучи дека просторот целосно се уредува, а посебно е за поздавување најавата за изградба на голема зелена површина со фонтана во средината на паркингот со големина колку Плоштад Македонија. Ова исто така бараме да се реализира и општината да даде согласност инвеститорот да го спроведе како што најави на презентацијата. Ова ќе значи ново зеленило и уреден јавен простор, практично уште еден плоштад но со многу зеленило“, велат жителите на Ново Маало.
 
Тие најостро ги осудија најавите и барањата не некои невладини организации за стопирање на проектот, затоа што сметаат дека „тие немаат право да одлучуваат за тоа како ние ќе живееме и заради неразумни барања да останеме да живееме во услови од 19 век. Овој план е добар, има многу јавен простор и места кои ќе бидат на сите граѓани“. 
 
За утре во 14 часот  закажаа конференција со медиуми на паркингот на „Холидеј Ин“, на која ќе ги образложат низвните ставови и проблемите со кои се соочуваат повеќе од 50 години.