Објавен вториот повик за општините за пари од унгарскиот кредит (видео)


Златко Перински - министер за локална самоуправа (Фото: Б. Грданоски)

Денеска е објавен вториот јавен повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти со вкупен износ за средства до 15 милијарди денари.

Повикот е објавен на веб-страницата на Владата и на Министерството за локална самоуправа и во два дневни весници.

Право на учество имаат општините и општините во Градот Скопје, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната стредина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.

Заинтересираните општини апликациите треба да ги достават до министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства, во зависност од областа проектот најдоцна до 30 април 2025 година.

Распределбата на средставата се врши по два критериуми: првиот е според резидентното население во општината согласно последниот попис и вториот е комплетна проектна документација, со сите потребни дозволи и согласности за почнување на јавна набавка со ревидирана предмер постапка не постара од 12 месеци.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата рече дека овој јавен повик е креиран согласно барањата на градоначалниците и во него има поволни услови. Очекува да се искористат планираните средства затоа што, вели, општините имаат инфраструктурни проблеми.

„Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација која е неопходна за отпочнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие се две новини на барања на градоначалниците“, рече Перински.

Овој втор јавен повик, според Перински, е продолжение на првиот јавен повик кој, како што рече, веќе дава резултати на терен. Најголем интерес во првиот повик имало за реализација на проекти од патната инфраструктура. 

Перински во овие јавни проекти не гледа предизборен поткуп затоа што, вели, на јавните повици може да аплицираат и да добијат средства сите градоначалници без разлика на нивната политичка припадност.