Објавен превод на „Колибри“ – најдобар италијански роман во 2020 година
Во издание на „Или-Или“ објавен е превод на романот „Колибри“ од Сандро Веронези, најдобар италијански роман во 2020 година, актуелен добитник на „Стрега“ (Premio Strega) – престижната книжевна награда во Италија.
Издавачката куќа соопшти дека одлучила да го објави овој роман бидејќи романот „Тивок хаос“, за кој Веронези ја доби исто така оваа награда во 2006-та, наишол на одличен прием кај македонските читатели по објавувањето во 2016 година.
Новиот роман е сага за едно фирентинско семејство од 1960-тите до денес. Марко Карера е јунакот во оваа семејна приказна, тој е „колибри“, човек со речиси натприродна способност да остане мирен во хаосот на светот кој постојано се менува.
-Како прекрасно и привлечно патување низ времето раскажано во голем број наративни стилови, „Колибри“ е приказна за страдањето, среќата, загубата, љубовта и надежта – за човекот кој го отелотворува тивкиот хероизам што го дефинира секојдневниот живот на безброј обични луѓе. Потенцирајќи ја потребата да се гледа во иднината со надеж и да се живее со интензитет до самиот крај, ремек-делото на Сандро Веронези – читливо, богато со знаења и исполнето со интересни пресврти и откритија – е портрет на човековото постоење, перипетиите и каприците кои нè поттикнуваат и на крајот нè дефинираат, наведува „Или-Или“.
Сандро Веронези (1959) e еден од најреномираните современи италијански прозаисти. Автор е на повеќе романи и збирки раскази и добитник е на некои од најпрестижните италијански и меѓународни книжевни награди.
Неговиот роман „Тивок хаос“, кој исто така ја доби наградата „Стрега“, како и две значајни признанија во Франција, беше пренесен и на филмското платно од режисерот Нани Морети во 2008 година.