Објавен нов план за европската Суперлига


 Проектот за европска Суперлига повторно е лансиран, но овој пат под името Обединета лига (анг. Unify League).

Според новите информации, изменетата Суперлига би имала четири нивоа на натпреварување, пренесува англискиот новинар Бен Џејкобс.

Поминаа три години откако првичната идеја за Суперлигата беше набрзина згасната по само 48 часа и лавина негативни реакции од фудбалските фанови во Европа.

Сега промоторите на лигата, компанијата А22, се вратија со нов концепт на натпреварувањето. Новиот формат предвидува 96 тимови да се натпреваруваат во четири меѓусебно поврзани групи, осигурувајќи дека пласманот се заснова на заслуги, а не на автоматско вклучување.

На највисоко ниво, односно во првата лига, која би се викала „Ѕвездена лига“, би играле 16 клубови, поделени во две групи од по осум, кои би играле дома и гости. Идентична структура би имало и „второлигашкото“ натпреварување, односно „Златната лига“ со уште 16 екипи. Четирите најдобри екипи во секоја група од „Ѕвездената лига“ би се пласирале во четвртфинале. Натпреварувањето би кулминирало со „Фајнал фор“ каде полуфиналето и финалето од еден натпревар би го одредувале евентуалниот шампион.

Во двете пониски лиги, „Сина“ и „Заедничка“, би имало четири групи од по осум клуба. Премиерлигата би имала тројца загарантирани учесници во првата лига, две места во втората и до пет дополнителни места во останатите. За разлика од првиот многу критикуван концепт на Суперлигата, во кој сигурен пласман имаа 12 основачки клубови, во овој сите места ќе бидат заслужени со настапите во домашните првенства.

Победниците на „Ѕвездената“ и „Златната лига“, кои ќе бидат познати по плеј-офот, следната сезона ќе имаат загарантирано место во елитното ниво. Лигашката фаза треба да трае од септември до април.

Земајќи ги во предвид нокаут-фазите, победниците би одиграле вкупно 18 натпревари, со сличен формат за двете пониски лиги.