Објавен јавен повик за распределба на 62 станови во социјалната зграда во Неготино


Министерството за транспорт и врски денеска објави јавен оглас за распределба на 62 станови во социјалната зграда во Неготино. Јавниот повик трае 30 дена.

Како што денеска информираа од МТВ, на јавниот оглас може да аплицираат шест категории на граѓани согласно Одлуката за распределба на социјални станови и тоа: деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите и самохрани родители со малолетни деца.

– Барање за добивање на социјален стан за користење под закуп може да поднесе лице државјанин на Република Северна Македонија, да е со постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и лицето да не поседува стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на Република Северна Македонија, појаснуваат од Министерството.

Социјалните станови ќе се распределуваат согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп составен дел на Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија.

Сите заинтересирани лица ќе можат да аплицираат во Центарот за социјални работи во Неготино, а условите и критериумите можат да се најдат на веб стната на Mинистерството за транспорт и врски http://mtc.gov.mk/vesti/Oglas-za-raspredelba-na-sotsijalni-stanovi—Negotino, како и во Центарот за социјални работи во Неготино.