Обезглавени бисти и исчезнати натписи, додека надлежните мижат – некој заработува


Украдени плочи со натписи (Фото: Б. Грданоски)

Двата моста преку Вардар, кои никнаа како дел од проектот „Скопје 2014“, а на кои од двете страни се наредени бројни статуи на уметници, државници, свештеници и историски личности, сѐ повеќе остануваат без плочките со објаснување чија фигура е претставена.

Речиси од секоја се извадени, а без штитот остана и Александар Први. Тие се изработени од бронза, па за претпоставка е дека ги собрале лицата кои секојдневно собираат различни метали, па ги продаваат во откупните центри.

Украдени плочи со натписи (Фото: Б. Грданоски)

Иако, надлежноста за одржување на овие мостови е на Град Скопје, не гледаме некоја проактивност од нивна страна, ниту да ги зачистат, ниту да ги одржуваат.

Едно време, се пречкртуваа називите каде стоеше Северна Македонија, па беше јасно дека тоа се прави како одговор на политичката одлука за смена на името, што повеќе граѓани не го прифаќаат. Но, сега се цел на вандали, односно крадци, кои заработуваат на сметка на сите граѓани, кои го полнат буџетот.

Пријави до МВР за исчезнување на овие плочи нема, а полицајците кои патролираат низ центарот на Скопје, како да немаат задача да го забележат тоа и да преземат нешто.

Дека не се само спомениците од „Скопје 2014“ цел на вандализам и кражби докажуваат и бистите во Градскиот парк, кои се обезглавени. Имено, фалат бистите на Никола Вапцаров, Коле Неделковски, Орце Николов и Цветан Димов. За нив пак, има пријава до МВР, но освен што се најдоа во полицискиот билтен, ниту се најдоа, ниту се вратија.

Обезглавена биста на Цветан Димов (Фото: Б. Грданоски)

Од Град Скопје велат дека знаат за таквата состојба, но конкретен одговор што ќе преземат за ваквата појава нема.

Во меѓувреме исчезна и скулптурата на заљубените од летниковецот на плоштад. И за неа нема никакво објаснување од надлежните.

Исчезна скулптурата на заљубените (Фото: Б. Грданоски)