Обединување на Македонија со Бугарија- главно предизборно ветување на Преродба

ГЕРБ дури предлага пасошите на новите бугарски државјани да им се даваат на јавна церемонија. Само Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија ја прескокнаа Македонија во предизборната програма


 

Бугарската партија Преродба, која според анкетите може да освои до 12 отсто гласови на претстојните парламентарни избори во Бугарија, ќе собира гласови играјќи на „картата“ – обединување на Бугарија со Македонија.

„Македонија е втората бугарска држава на Балканот и Преродба работи на обединување на двете државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е сѐ поцелосна економска, културна и политичка интеграција што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа“, стои најтранспарентно во политичката програма на оваа партија за изборите во април.

Иако влезот во ЕУ значи и тргање на границата, за Преродба тоа очигледно е малку и партијата сака физичко припојување на двете држави што, за споредба, ни со буква не се споменува како можност кај која било партија што значи нешто во Македонија. 

Според предизборната програма на Преродба, „бугарската нација е збир на поединци од бугарска самосвест и бугарска културна припадност кои се обединети со заедничка државност“, но со жалење констатира дека во либералната демократија оваа вистина се оспорува. 

Наспроти тоа, само десетина реда подолу, оваа ултранационалистичка и крајно десничарска  партија се декларира „против сите политики засновани на малцински или етнички принципи“, со оценка дека црпењето привилегии како резултат на припадноста на некое етничко, верско или друго малцинство води кон сегрегација и до уништување на бугарската нација. 

Најгубитничката партија од претходните избори, Има таков народ, која истроши сѐ што можеше да продаде како сериозен политички капитал, и натаму смета на собирањето гласови на штета на Македонија. Па, така, ИТН на Слави Трифонов се единствената партија на овие избори што отворено бара враќање на ветото за преговорите на Македонија со ЕУ, и тоа најитно.

Како причина за тоа ИТН ја наведува „ескалацијата на тензиите, репресијата врз луѓето со бугарска самосвест (категорија позната само во Бугарија, бидејќи секаде таквите се нарекуваат припадници на малцинство), нападите врз културните центри, употребата на јазикот на омразата, фалсификувањтое на историјата и – постојаната антибугарска хистерија“. И тие, како и сите останати партии, се залагаат за активна заштита на Бугарите надвор од Бугарија и за зачувување на нивната бугарска национална самосветст. Во тој стил Трифонов на предизборниот плакат порачува дека „Бугарија е насекаде каде што има дури и само еден Бугарин“ – слоган што одамна не се употребува во цивилизирана Европа. 

Иако глуми европска демократска партија, и ГЕРБ на Бојко Борисов има став за Македонија кој е спротивен на одлуката на Кирил Петков да дозволи преговори на нашата држава со ЕУ, иако тврди  во програмата – дека да не биле тие францускиот предлог, „кој ги задоволува напорите на бугарската дипломатија“, воопшто немало да биде ставен и изгласан во Народното собрание. Според ГЕРБ, Петков ја ставил Бугарија во слаба позиција со пристапот кон спорот со Македонија и го ставил во ризик бугарскиот интерес.

Затоа, ГЕРБ се залага за посилна и покомпетентна надворешна политика или поконкретно, за „динамично учество на Софија во спроведувањето  на поставените параметри во преговарачката рамка“. Освен редовниот политички фолклор за „грижа за бугарските заедници надвор“, ГЕРБ  предлага и создавање јавен регистар за лица кои сакаат да го докажат своето бугарско потекло и да добијат бугарско државјанство, предлагајќи организирање свечена церемонија на доделувањето на пасошите. Тоа пак ќе значи дека секој македонски граѓанин што се надева на бугарско државјанство од економски причини ќе треба на свечена бина јавно и пред камери да изјавува – дека е Бугарин!

Како што се очекуваше, Бугарската социјалистичка партија ја престави својата ретроградна политика кон Македонија во „обланда“, јасно порачувајќи дека нема да ја менува, иако од ненационалистичките партии во оваа држава нејзината позиција е најнационалистичка и најпровокаторска. Покрај флоскулата дека се залага за проширување на ЕУ на Западен Балкан, БСП најавува доследна заштита на бугарските национални интереси во односите со Македонија, вклучувајќи ги и преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, што значи дека има намера активно да се меша и да условува преку процесот.

Иако споредно за нас, не е и неважно дека БСП во програмата отворено се декларира како заштитник на односите со Русија, барајќи дипломатско решавање на конфликтот со Украина што никој на Запад не го поддржува во моментов и нормализација на односите на Бугарија со Русија, така што им фали само Владимир Путин на предизборен транспарент. БСП се залага и за „зачувување и развој на етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на историски формираните бугарски национални малцинства, како и на новосоздадените бугарски заедници низ светот“. 

Политичката кампања, која штотуку почна во Бугарија, сепак има и некои хумористични моменти што не можат да се сретнат кај нас. ГЕРБ  го напушти мотото „Посилни сме од хаосот“ од минатите избори, бидејќи по пет избори за две години тој збор не звучи баш најдобро кај Бугарите. Слави Трифонов, пак, кој откако беше избран не се појави во јавноста, а од независен стана послушник на претседателот Румен Радев, политичката кампања ја почна со огнени факели, народни носии и гајди, продавајќи се пред присутните во Стара Загора како партија на луѓе со знаење, вештини и стручност кои се „морално убедени во успехот“. Радикалците од минатото, како Красимир Каракачанов и Ангел Џамбаски од ВМРО овојпат се разочарани од политиката и ќе нѐ поштедат со своите посвојувања на Македонија. ВМРО се откажа од учеството на изборите, а Џамбаски дури и објави слоган – „Никого не поддржувам“.

Само Демократска Бугарија и Продолжуваме со промените на Кирил Петков  ја прескокнаа Македонија во предизборната програма поставувајќи како главни цели модерна и европска Бугарија.