Ќе ги тргне ли ВМРО-ДПМНЕ „лисиците“ од рацете на СЈО


Мора да продолжат истрагите поврзани со прислушувањето, а специјалното јавно обвинителство да се интегрира во редовните структури на обвинителството, порача вчера во Скопје државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот, кој не беше воодушевен од ова решение, но со оглед на околностите ги прифати како остварливо во моментов.
Неговата заложба во однос на продолжување на мандатот на СЈО доаѓа пред почетокот на разговорите за измени во Законот за јавно обвинителство, чија примарна цел е интегрирање на институцијата што ја предводи Катица Јанева во редовното обвинителство. Со тоа, според најавите, СЈО би добило повторно одврзани раце да подига обвиненија за случаите што произлегуваат од скандалот со нелегалното прислушување што го обелодени СДСМ додека беше во опозиција. Обвинителството на Јанева речиси една година не може да покренува обвиненија откако истече мандатот за тоа што беше предвиден со Законот што го договорија политичките партии во Пржино во екот на кризата. Иако се бараше продолжување на рокот за обвиненија, набргу по изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ, тоа не се случи поради противењето на ВМРО-ДПМНЕ, против чии функционери се водат судски постапки.
– Морам да подвлечам дека двотретинското мнозинство е предуслов за продолжување на мандатот на СЈО. Но, ме информираа дека опозицијата е против продолжување на мандатот. Затоа треба СЈО да го интегрирате во редовните структури на обвинителството. Тоа е проблематично решение, но ако функционира, сосема е во ред – рече Рот.
Премиерот Зоран Заев додаде дека во Стратегијата за реформи во правосудството е предвидено СЈО да биде дел од Државното јавно обвинителство, како посебно одделение кое ќе ги продолжи своите надлежности.

Германскиот државен секретар ги поздрави реформските напори на македонската Влада нагласувајќи ја важноста од враќањето на довербата во јавните институции.
– Особено важно е вашата земја да постигнува конкретни резултати во однос на доброто владеење и владеењето на правото. Ова е задача на Владата, меѓутоа сите во земјата имаат задача да придонесуваат за промените, особено опозицијата. Вистински независно судство заедно со органите за спроведување на законот имаат клучна улога во борбата против корупцијата – истакна Рот.
Со оглед на тоа што за измена во Законот за јавно обвинителство е потребно исто така двотретинско мнозинство, како и за продолжувањето на мандатот на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ има свој претставник во работната група во Министерството за правда, која работи на подготовка на новата регулатива. Во подготовките на законот, според информациите, е вклучен и експерт од Хрватска, поранешен јавен обвинител кој бил ангажиран во јавнообвинителската реформа во повеќето држави во регионот, како и експерт од американската амбасада во Скопје. Предвидените измени потоа треба да ги разгледува Советот за следење на имплементацијата на реформите во правосудството. Според наши информации, еден од најпреферираните модалитети е СЈО да се вклучи во редовното обвинителство, со тоа што ќе се предвиди негова автономија, а истовремено и проширување на неговите надлежности за гонење висока корупција, што би значело и траен мандат за оваа институција, наспроти сегашниот кој истекува во 2020 година. Прашање е сепак колку ваквото решение ќе спречи некоја идна влада да го „стопи“ со јавното обвинителство или да го укине постепено ограничувајќи му ги ингеренциите. Ваквиот модел на СЈО реално ќе ја нема моќта и димензијата на ваквата институција во Романија, која служи како добар пример во регионот.


Измените во Законот за јавно обвинителство би требало да завршат во целост до крајот на оваа година и СЈО од почетокот на идната година би можело да почне да функционира според новиот концепт што ќе се договара во наредниот период.
Мандатот на СЈО за покренување обвиненија беше ограничен на 18 месеци од датумот на преземање на предметите и материјалите. Тој рок истече на 30 јуни минатата година. Оттогаш, беа отворени повеќе случаи за високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ (за Али Ахмети и Никола Груевски за одложениот попис, за патните трошоци на Силвана Бонева, за Никола Тодоров за набавка на медицинска опрема…), но тие не можат да дојдат до судска разрешница поради истечениот рок за подигање обвиненија.
Специјалната обвинителка Катица Јанева побара пред извесно време да се најде решение за СЈО по истекот на мандатот во 2020 година да се вклучи во редовното обвинителство.
– Законскиот мандат на СЈО не е изминат и од тие причини изразуваме уверување дека во пракса ќе се преземат мерки за целосна имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор усвоена од Владата на Македонија и дека во најскоро време и ова јавно обвинителство ќе постапува согласно роковите предвидени во Законот за кривична постапка и Кривичниот законик. Тоа е неопходно за остварување на основната цел и мисија на ова обвинителство – рече Јанева.

За опозицијата СЈО има рок на траење

– СЈО е времена институција која е резултат на политички договор со определен рок на траење. Сведоци сме дека СЈО и сега со дејствувањето ги крши договорените рамки – ни изјавија од ВМРО-ДПМНЕ, по ставот на Рот дека мора да продолжат истрагите за прислушувањето.
Работна група на ВМРО-ДПМНЕ, како што велат од партијата, е вклучена во усогласување на Законот за јавното обвинителство. Но од опозициската партија оценуваат дека СЈО целосно потфрлило на секој план.
„Најмалку што може да се види во нивното работење е постапување по правото и аргументите. СЈО работи како партиски огранок на СДСМ. Се пишуваат и монтираат политички случаи и се извршуваат задачи по нарачка против политички неистомисленици на Зоран Заев. За сметка на тоа, членовите на СЈО добиваат безброј поволности и вработувања на своите роднини. Не постои ниту една логична причина зошто воопшто би се помислило на каков било разговор околу продолжување на нивниот мандат на кој било начин“, велат од СЈО.

Александра М. Митевска