Нуредини: По вонредната инспекција во УСЈЕ, ако има неправилности ќе има санкции


Фото: Б. Грданоски

Откако вчера, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се закани со кривична пријава за Цементарница Усје, заради зголемено загадување, а тие демантираа, денеска министерот за животна средина Насер Нуредини, вели дека по наодот на вонредната инспекција, ќе има санкции ако има неправилности.

– Го разгледуваме извештајот од вонредната инспекција на „Усје“ и ќе продолжиме со тие процедури што се законски потребни и ако има некоја пропуст, ќе има и санкции на таа фирма, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, одговарајќи на новинарско прашање за кривична пријава против цементарницата „Усје“ за загадување на Скопје. Од „Усје“ ги демантираа овие обвинувања.

– Имале заедничка соработка Државен инспекторат за животна средина и локален инспекторат на Град Скопје. Имало направено вонредна инспекција на „Усје“, на барање од институции од државата и на Град Скопје. Резултатите ги имаме, сега ние го разгледуваме извшетајот и ќе продолжиме со тие процедури што се законски потребни и ако има некоја пропуст, ќе има и санкции на таа фирма. Целосно, транспарентно ќе го презентираме, кога извештајот ќе биде разгледан и комисијата ќе го има разгледано целиот, истакна министерот.

На прашање дали ги отфрлува обвинувањата на градоначалничката Данела Арсовска, тој одговори дека не, но, „како Министерство, не преземаме кривична против никого“.

Според анализа што траела една година, како што кажа министерот, се покажало дека 35 отсто до 45 проценти, загадувањето во градот Скопје доаѓа од палење на биомаса. На второ место биле стари возила.