Нуредини: Ќе сносам одговорност доколку биде утврдено дека се користени службени возила за приватни цели
Министерот за животна средина Насер Нуредини рече дека ќе сноси одговорност доколку Антикорупциска утврди дека биле користени службени возила за приватни цели.
Нуредини, на денешната презентација на проектот „Cinderela“, одговарајќи на новинарско прашање дали чувствува одговорност за тоа што Антикорупциска побара одговорност за двајца министри помеѓу кои и тој, истакна дека целосно го почитува и поддржува тоа што институциите во оваа земја го прават, и она што антикорупциската треба да го направи за да го истражи случајот.
– Отворено ве поканувам да погледнете во сите трошоци кои што ги имам јас како во институцијата, да видите дали некогаш сум злоупотребил некој фонд, дека ние сме пример дека не сме злоупотребиле државни фондови. Може да погледнете во километрите кои што возилото со кое се возам. Јас живеам во Тетово и возам секој ден до таму, но кога ќе стигнам дома го користам приватното возило, никогаш не сум злоупотребил државни ресурси, затоа што ние сме одговорни за државните ресурси кои ги добиваме од Буџетот, рече Нуредини.
Истакна дека ги поттикнува институциите да истражат, потенцирајќи дека притоа ќе воочат дека неговите репрезентативни трошоци се минимални.
– Што се однесува до колата која што ја возам, во моментот кога ќе излезам од колата, при што официјалните работни часови не се од 7:30 до 16:30, ние константно работиме, дури и навечер. Како и да е, кога сум во Тетово, во мојот дом, ја користам приватната кола дури и за обврски поврзани со работа како министер, дополни тој.
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, пак, потенцира дека ни тој ни министерот не се дојдени во власта за да ги искористуваат ресурсите туку за да им овозможат на граѓаните подостоинствен живот, но, доколку се утврди вина ќе биде сносена одговорност.