Новотни: Во општина Центар потребен е урбан развој што го става човекот пред привилегиите

Носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Општина Центар, проф. д-р Антони Новотни, повикува на враќање на јавниот интерес и почит кон природата и луѓето, наспроти личните интереси што го редефинираат урбаниот простор, се наведува во соопштението од ДОМ.
„Симфонијата на природата и различностите – звукот на нашата заедничка иднина,“ порачува Новотни, но предупредува дека „Звукот на сегашноста ги пара ушите. Го пара срцето на народот, кој со години тажно сведочи за личните интереси на моќниците што го редефинираат просторот.“
Тој нагласува дека природата и различностите не смеат да се третираат како алатка за профит.
„Болно е кога природата и различностите се третираат како ресурси, а не како вредности. Хармонија што извира од почит кон секое парче земја и секој човек е наша мисија“, вели Новотни.
Тој зборува за насоката на коалицијата кон зелени, праведни и инклузивни политики во Центар.
„Заштита на зеленилото и јавниот простор, јасни правила што важат за сите, транспарентни одлуки со јавна трага и урбан развој што го става човекот пред привилегиите“, порачува Новотни.
Во својата видео порака до граѓаните, Новотни повикува: „Наслушнете ги звуците на заедничката иднина. Заокружете го бројот 8. Коалиција за зелена иднина.“
Александар Анѓушев од Коалицијата за зелена иднина: Паркингот пред Лептокарија ќе произведува струја!
Носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Општина Карпош, Александар Анѓушев и кандидатката за советничка Љубица Шопова денес се сретнаа со дел од жителите на Лептокарија. Во разговор со граѓаните беа претставени програмските приоритети на коалицијата, како што се зелени и пристапни јавни простори, транспарентно локално управување и оживување на културниот живот во Карпош.
Анѓушев најави јасен курс кон спроведување на одржливи решенија за паркирањето во овој дел од општина Карпош.
„Паркингот пред Лептокарија мора да прерасне во извор на чиста енергија, во Советот ќе бараме поставување на соларни настрешници наместо изградба нова катна гаража и бетон. Јавниот интерес мора да биде пред профитот“, рече Анѓушев.
Шопова зборуваше за приоритетите во делот на културната инфраструктура и јавните објекти.
„Напуштените јавни објекти во Карпош ќе ги пренамениме во живи културни пунктови за музика, театар, ликовни и младински програми. Јавниот простор е право, не милост, културата треба да се гледа и слуша во секое маало“, порача Шопова.