Новогодишен хуманитарен базар во Кисела Вода


Еден убав предновогодишен настан се одвиваше денес во паркот „Шопен“. Хуманитарен базар во организација на Општина Кисела Вода и повеќе здруженија на деца со посебни потреби, кој освен забавен карактер, имаше и сегмент на социјална инклузија. На настанот, покрај градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

-Големо е моето задоволство што денес сме сите заедно тука, на Новогодишниот хуманитарен базар кој има за цел да донесе празнично расположение, а најмногу од се’ да ги израдува нашите најмлади жители, дечињата од Општина Кисела Вода. И во овој настан, како и во настаните кои Општина Кисела Вода во иднина ќе ги реализира, се потрудивме да вметнеме нота на социјална инклузивност, па организацијата на истиот ја поделивме заедно со Здружението „Куќа на среќата“ и „Здружение на родители на деца заболени од церебрална парализа“- Скопје.

Изработките кои денес се на продажба по симболични цени ги изработија дечињата од градинките во општина Кисела Вода и децата од неколку од здруженијата. Средствата од продажбата, пак, ќе се наменат во хуманитарни цели, за потребите на лицата со попреченост-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Настанот продолжи со интересна музичко-сценска програма во која беа вклучени учесници од сите генерации. Свој штанд имаше и Одделението за превенција при СВР Скопје коe на присутните им делеше едукативни летоци за безбедно славење на Новата година без употреба на пиротехнички материјал.

На крајот, за децата со попречености се поделија новогодишни пакетчиња, пактчиња добија и децата на вработените во општината, како и повеќе други дечиња кои беа во паркот и се сликаа со Дедо Мраз. Пакетчињата, преку донации се обезбедени од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.