Ново, повторено, еколошко или безродово: Модно патување со македонските дизајнери на Expo 30 (галерија)


Македонската мода беше во фокусот два дена во МСУ во Скопје, на EXPO 30 , заедно со промоција на диџејската домашна сцена и дегустација на македонски производи. Модниот настан, поддржан од Владата по повод 30 години независност, предизвика интерес и меѓу учесниците и меѓу гостите кои по подолго време се потсетија на модните настани и дружења во државата.  

Што презентираа македонските модни дизајнери и студентите од студентите по моден дизајн од три факултети?

Ревискиот дел на EXPO 30 го отвори дизајнерот Никола Ефтимов со колекцијата „(Лични) деклинации и (емотивни цитати)“, во која сумира едел дел од своите дизајнерски пристапи, техники на изведба и украсување и концепти што го интерирале авторот во изминатите децении и нивно препрочитување.  Колекцијата автореферентна и новонастанатите парчиња облека и модни додатоци се деклинации на дел од клучните реализирани дизајни, со актуелен дизајнерски став.

 

На EXPO 30 модната марка „Лудус“ ја претстави колекцијата „Постродовост IV“ за есен-зима 2021/22, четвртиот дел од серијата колекции во кои се разработува футурстичката визија на општество без родови улоги. Ова е најодржливата колекција на „Лудус“ досега, како резултат на заложбите на брендот за продлабочување на еколошкото и одржливо производство. Колекцијата спојува традиционално македонско занаетчиство, локално набавени материјали и волница, рачни вештини од мајстори сорабоници на брендот и вешт технички тим што е постојан дел од современите дизајнерски колекции на „Лудус“.

Росица Мршиќ ја претстави колекцијата Dreamy Passage, пријатно сонливо патување низ нова, мека и пастелна естетика на дизајнерката. Колекцијата ја спојува женственоста карактеристична за дизајнерката со поопуштен изглед, но внимателно конструиран, воведен за да ја претстави потребата од радост и сонување. Естетиката на колекцијата ја одразува идејата за патување низ времето и таа ги враќа романтичните, пријатни чувства, видени низ винтиџ објективот на медитеранската ривиера и ја спојува со нови современи изрази изградени преку разиграни, но сепак глатки, фини и софистицирани силуети.

Дизајнерката Евгенија Зафировска ги поврзува модата и архитектурата преку колекцијата The Beginning, која е инспирирана од апстрактниот елемент кој нè потсетува на скалила или мал аудиториум, пример за спој помеѓу инфраструктурната функција и јавен објект MO·NU·MENTS, претставува практична соработка, истражување и заштита на архитектонското наследство и израз на нашето убедување. Проектот Othernity со наслов MO·NU·MENTS е претставен на Венециското биенале за архитектура со придонес од Архитектонското студио KONNTRA. Архитектурата на иднината може да се гради врз минатото за да се постигне соодветна флексибилниост, одржливост и силни врски на идентитет.

Првата вечер на EXPO30 ја заокружи модната ревија на „Маригуча“ со колекцијата Oblivion (State od Obscurity) во која дизајнерката Нела Тодоровска истражува како работничката облека да ја претопи во модерна. Со појавата на првите работнички облеки во минатиот век, се појавува бранот на универзалната облека, која што со мали измени ја прифаќаме и денес. Оваа колекција обработува една работничка облека од минатиот век, комбинирајќи примеси од панк културата и сајбер модата.

Ревискиот дел во вториот ден на EXPO 30 започна со претставување на заедничка ревија на студентите по моден дизајн од трите факултети која што внесе свежина на целиот настан.  

Она што го видовме од студентите од Институт за дизајн и облека на ТМФ при УКИМ, Анастасија Петрески и Кристијан Арсовски беше футуризам во допир со готика на моделите, остар карактер преточен во шпицести врвови инспирирани од архитектурата во тоа време кои жената ќе ги носи гордо, самоуверено, освојувајќи го секој поглед околу неа, користејќи ги зелената и виолетовата боја како заштитник од злото, додека бисерите ја задржуваат нејзината нежност и контрадикторност на се што се случува.  

Данијела Савиќ од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во својата колекција претстави неколку модели, а тематиката беше патешествие низ македонската култура и традиција каде што е отсликана слоевитоста и тежината на македонската традиционална женска носија од Порече. При осмислувањето на концептот, традиционалните шари и орнаменти се оставени во нивната автентична форма без да се прави било каков обид за редизајн на везот. Она што е позајмено од македонските шари е доминантната и се присутна формана баклава и триаголници, притоа создавајќи една современа интерпретација со апстрактен третман.

Фуркан Арифи од Универзитетот „Мајка Тереза“ стои позади новиот бренд „КАН“. Неговата прва колекција “Sin is IN“ настанала помеѓу Мексико и Токио, а целта на истата е да даде уште една перспектива и моден вкус за македонската улична облека за млади. Целта на брендовите не е само да се претстави одреден стил, туку да ги натераат луѓето да се пронајдат во дизајнерите и во брендовите.

На EXPO 30 модната дизајнерка Лидија Георгиева ја претстави колекцијата  Пејсаж бр. 22, работена според принципот слоу фешн и произлезена од потребата да се истражи влијанието на современата технологија во корелација со недостатокот од потребната доза на природа во нашето секојдневие. Дигиталниот свет е место во кое што поминуваме сè повеќе време, па дури и кога се наоѓаме во природа. Па така, пејсажите кои ги гледаме во текот на денот, се сè повеќе дигитални отколку реални. Во оваа реална/нереална игра, пејсажите се измислени, сонувани, шумски, со звуци, мириси, растенија, животни и главни ликови кои можеби постојат, а можеби и не. Тука се преку отпечатоците карактеристични за стилот на брендот, везените флорални мотиви, рачно плетените дизајни, архивски корали и разни други камчиња. Приказната е збогатена со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16ти век.

 

Дизајнерката Силвија Михајловска под брендот „Алшар“ се претстави со модели базирани и инспирирани од нејзините цртежи и креации поврзани со долгогодишното искуство и работа во модата. Колекцијата се вика Re:Essence (како асоцијација на Reminiscence) што всушност претставува потсетување и навраќање кон идеи и референци користени во нејзините претходни колекции, сето тоа вклопено во една нова целина. Дел од креациите се изработени од ткаенини во интензивни бои како црвена, окер, розева, циклама со многу колор блок моменти, а дел се црни, сребрени и креации од секогаш актуелниот џинс. Инспирирана од графити артистите и современите уметници, дизајнерката користи и ткаенини со графити мотиви, а дел од парчињата се рачно доцртани што е најкарактеристично во нејзината досегашна работа. Кроевите се препознатливи асиметрични и се микс од строги архитектонски до лелеави романтични креации со панк детали.

Колекцијата “Origin” на дизајнерот Митко Занов е спој од старото, новото и непознатото, создадена од моментите на среќа, тага и љубов и инспирирана од убавината. Самиот збор “origin”  значи потекло, извор, почеток, корен или појдовна точка. Токму затоа во оваа колекција метафорично се претставува една мала ретроспектива на работата на брендот „Занов“. Колекцијата го прикажува заштитниот печат, карактеристичните бои, материјали, форми, кроеви и текстури,  односно ДНК-та на брендот. Содржи повеќе автентични изгледи, а палетата на бои, ги вклучува препознатливите жолта, портокалова, црвена и циклама, како и монохроматските црна и бела. Рачната изработка е од неминовен аспект, а кроевите се строги, линиите остри, формите минималистични но скулптурални, со нагласена „песочен часовник“ силуета. Колекцијата ја надополнуваат модни додатоци како рачно изработени опера ракавици, модни украси за на глава, транспарентни шешири и капи, доработени со текстура од пердуви.  

Lucid dreams in torn realities на Јована Филиповиќ во соработка со Ајбуке Баркчин која се јавува како кодизајнер/соработник на колекцијата, претставува олицетворение на едно пријателство и ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија, а тоа е и почетната инспиративна точка на самата колекција. Втората инспирација за Lucid dreams in torn realities е спој од книгата на Луис Керол, „Алиса во земјата на чудата“ и јапонското аниме „Паприка“, базирано на новелата на Јасутака Цутсуи. Секој изглед од колекцијата по себе носи некоја приказна. Црвените рози кои се јавуваат како принт на кошулите црпат инспирација од средбата на Алиса со кралските градинари кои ги бојат белите рози во црвени и истовремено се референца на еден вид ескапизам и создавање на своја нова реалност, спротивставувајќи и се на природата. Плисираното свилено здолниште во интензивна сина боја, носи рефренца од познатата сина боја на Волт Дизни, која буди сеќавање на младост, наивност и бајковитост. Принтовите на црвената кошула се реинтерпретација на неколку верзии од најпознатите дизниеви приказни, прераскажани и претворени во „реални“ приказни, со цел да илустрира како може да изгледа „растргнат“ животот кога се напушта чинот на сонување.

Втората вечер на EXPO 30 ја заокружи модната ревија на „Кокев“ со колекцијата за есен/зима 2021/22 и претстави модели со софистициран дизајн,  елеганција и екстравагантност кои се совршено изработени од високо квалитетни ткаенини. Дизајнот ја открива сензуалноста, романтичноста, женственоста и самоувереноста кај жената. Со уметнички допир кој доаѓа од нејзината едукација, дизајнерката Тања Кокев покажа дека знае што и е потребно на една жена, сега после целата светска криза уште повеќе од порано. Кокев како конечно целосно да се откри, покажувајќи ја целосната вистина за својот стил. Како да сме внатре во нејзината визија за тоа како треба да изгледа еден свет. Во него со леснотија се открива се што се градело како Кокев низ годините, но со еден пресврт на бренд кој веќе ја достигнува својата зрелост.

Фото: Боттега Евенти