Карчева, Ѓоргиева и шампањско за блескав крај на 30. Моден викенд Скопје

Моден викенд Скопје, останува клучна платформа за прикажување на синергија помеѓу модата, културата, традицијата и одржливоста, поддржана од визионери и институции


Последната вечер на Моден викенд Скопје, синоќа, во Diamond Residence Carat West Office,  беше прослава на раскошниот и тивкиот луксуз, елеганцијата и на студентскиот талент. Со убава публика и со креации кои го запираат здивот, изборот на колекциите на AlAparel на Наташа Карчева и на Олгица Ѓоргиева, беа шлаг на модната торта која три дена, во ова време на трендови што траат неколку минути, изгради модни приказни што ќе траат со години.

Ако првиот ден започна со изложба што го слави заедништвото преку уметност, а вториот ден ја отвори модата кон маратон со дискусии за иднината, по што следуваа и храбрите студентски ревии, третиот ден беше глас на новата генерација: искрен, храбар и визионерски.

Под темата „Рефлексии“, студентите од насоката за моден дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународен Балкански Универзитет – Скопје ја претставија својата визија за модата како културна, етичка и емоционална територија. Колекциите истражуваа теми како што се одржливоста, уличната мода како социјален феномен, и естетските категории на убавото, грдото и возвишеното. Секој модел беше личен став, а не само облека. Студентите учесници: Ајшин Серјани, Ангела Крстевска, Ангела Поповска, Берна Ахмед, Ебру Калинка, Елдина Далоши, Есра Фазлији, Енеса Бекир, Хава Јахја, Христина Ѓорѓиева, Кјефајет Исмаили, Лазиме Лусјани, Луна Аврамовска, Оја Осман, Ринеса Ахмети, Сара Саид, Суреја Јакупи, Маригона Рахмани, по долгата ревија, добија силен аплауз од публиката, како поддршка. 

Како модно интермецо, пред елегантните колекции на Карчева и Ѓоргиева,  единствената дизајнерка на фустани од свежо цвеќе, Јагода Пачемска го претстави својот уникатен свет на креации од свежо цвеќе. Преку својот бренд FA-BU, таа покажа дека модата може да биде жива, минлива и моќна порака, а не само тренд. Пачемска не следи сезони – таа следи животот, создавајќи искуства што траат засекогаш во сеќавањето.

Под мотото „Eternal Beauty“, Наташа Карчева претстави колекција што ги слави минливите моменти што траат цел живот. Со комбинација на сатен, тантела и богати свилени ткаенини, секое парче раскажуваше приказна за љубовта, традицијата и модерната елеганција. Од раскошни балски фустани до современи мермаид силуети, “Eternal Beauty” ја слави жената што бара софистицираност со душа. На крајот од ревијата,  дизајнерката отвори шампањско во чест на колекцијата и прекрасните манекенки. 

Со колекцијата „The Future – is NOW“, Олгица Ѓоргиева, по пет години пауза од модната сцена, се врати во најубаво светло, со колекција која ја слави модата како мост меѓу традицијата и иновацијата. Инспирирана од естетиката на оригами уметноста, оваа колекција донесе скулптурални форми, чисти линии и минималистичка експресија. Со нежни пастелни тонови и рафинирани детали, “The Future – is NOW” е модна визија каде што елеганцијата се среќава со авангарда.

Завесата на јубилејниот Моден викенд Скопје , во сенка на трагедијата што го потресе Кочани и целата јавност, е спуштена. Бевме дел од нова домашна и регионална модна приказна, во нов урбан простор, со нова енергија, со старо- нови учесници, старо-нова публика, пред се, со солидарност и сочувство кон семејствата и заедницата, со уште поголема посветеност на вредностите што ги обединуваат луѓето – културата, уметноста и заедништвото. Оваа година, под слоганот „Community“, FWSK 30 ја стави заедницата во центарот на својата визија и ја славеше индивидуалноста како колективна сила. Зашто стилот е твој. Приказната е заедничка. 

Фото: Ѓорѓи Ристоски за Моден викенд Скопје