Новите возила за собирање отпад предадени на „Комунална хигиена“, но уште не почнале да чистат


Фото: Б. Грданоски

По повеќе од еден месец од промоцијата на новите специјализирани возила за одржување на комуналната хигиена во Скопје, но и во други 10 градови, тие се предадени на „комунална хигиена, информира скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека „во наредните денови, по завршувањето на правните процедури излегуваат на терен“.

– До крајот на неделава пристигнува и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголемата набавка досега.  Чистиот град значи здравје, достоинство и подобар живот за сите. Затоа, секој од нас има одговорност да го чува. Нашата работа нека биде поттик за поголема грижа, а секоја чиста улица обврска таква и да остане – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека Скопје предолго губеше поради неодговорноста и неажурноста на претходниците, а на таа запуштеност ѝ се става крај со работа и конкретни дела. Со силна волја, макотрпна работа и заедничка одговорност, Скопје повторно ќе биде горд град.

Сепак, мора да се забележи дека ова не се случува така брзо како што најавуваше Ѓорѓиевски за време на предизборната кампања и во првите денови откако седна во градоначалничката фотелја. 

Од тогаш, поминаа нешто повеќе од 10 месеци, а хигиената во Скопје е стандардно лоша, со преполни контејнери, истечоци околу нив, смрдеа сред лето и опасности во зима.